Преспанскиот договор не е само дипломатски компромис меѓу Македонија и Грција, туку пресврница што го менува статусот на македонскиот идентитет во меѓународните односи – смета вонредниот професор д-р Благој Цонев од Универзитетот Скопје, презентирајќи наоди од истражувањето „Македонскиот национален идентитет како предмет на меѓународно политичко преговарање: Од Преспанскиот договор до постпреспанска интернационализација на идентитетот“ на научниот собир „Негирањето на македонскиот јазик и македонската нација како форма на политички говор на омраза“.
– По 2018 година македонскиот идентитет се интегрира во едни асиметрични модели на меѓународно посредување во кои правото на самоидентификација се судира со геополитичката условеност, во случајов влезот во ЕУ – вели професорот Цонев.
Според него, има четири клучни години кои што ги дефинира како пресвртници. Целиот процес на трансформација на идентитетот во субјект на меѓународното право може да се дијагностицира прво во 2008 година – тоа е Букурешт, грчкото вето за влез на Македонија во НАТО. Тогаш идентитетското прашање првпат почнува да произведува конкретни геополитички последици, и името станува предуслов за пристап до безбедносни структури. Со ова Грција, смета професорот Цонев, јасно им кажува на стратешките партнери како што се САД и европските големи сили, дека „геополитички ние знаеме дека Балканот е нестабилен, меѓутоа нас не интересира дека нема Македонци на север од границата и тоа мора меѓународно правно да се валидизира“.
– И овде е моментот кога идентитетот започнува постепено да излегува од својата категорија на национален, на етнички, на чувство за припадност кон заедницата и да ја добива таа правна рамка – смета Цонев.
Во 2018 година Преспа добива правно-политичка кодификација. – Сфативме дека геополитиката, безбедносната структура е тоа што ја влече Македонија во НАТО, а игрите, оние византиски игри што се случуваат под масата е тоа што Грција не тераше цело време и не поттурнуваше. И одалечувајќи не од ЕУ преку преземање на таа автохтоност на Беломорските Македонци и нивното втемелувње во субјект за преговарање, Грција успеа нас денес не втурне во „канџите“ на Бугарија – рече професорот Цонев.
Според него, ние не треба реакционистички да настапуваме кон Бугарија, туку смета дека треба да направиме акција – МАНУ да изготви доктрина. Во меѓународните односи, смета Цонев, владее анархијата и таму поголемиот секогаш победува и затоа МАНУ е клучна институција која мора да ја направи таа надворешно политичка доктрина која Македонија ќе ја носи во иднината.

Професорката д-р Маријана Марковиќ ги изнесе клучните наоди од трудот „Комуникациска и социо-психолошка анализа на Објаснувачкиот Меморандум на Бугарија во контекст на европската интеграција на Македонија“ потенцирајќи дека овој Меморандум не претставува само политички документ, туку и комуникациски механизам.
– Овозможува преку анализа на неговата содржина, утврдување на идентитетите и од едната и од другата страна и историски наративи за Македонија. Анализата покажа дека историските и идентитетските прашања се користат во политичко позиционирање во рамките на евроинтегративните процеси. Овој модел дава еден солиден начин на согледување објективно на определени позиции и стратешко размислување за изнаоѓање стратегии за излезност од спорот. Надминување на спорот бара признавање на различни наративи и градење инклузивна комуникација заснована врз доверба и почитување, рече проф. Марковиќ.
На научниот симпозиум беа презентирани и наодите од трудот „Трансгенерацискиот пренос на колективната траума преку комуникациските канали: случајот на историското негирање на македонскиот идентитет“.
– Медиумите никогаш не се само пасивни архиви, не се само пренесувачи само на некои историски настани, напротив токму поради разните симболи и емоции кои се вградени во тие наративи тоа искуство многу успешно се пренесува низ генерациите, па историското страдање добива културно-идентитетско значење. Психолошките импликации се многу важни бидејќи ние за да почнеме да се лечиме од таа колективна траума ние прво мора да сме свесни, еднаш да си признаеме што ни се случило, зошто ни се случило за да можеме и понатаму нормално да функционираме – истакна проф. д-р Елеонора Серафимовска од ИСППИ – УКИМ.

Таа рече дека тие не докажуваат дека навистина се пренесува траумата туку кажуваат дека низ разните комуникациски канали тие историски наративи постојано добиваат симболичко и емоционално значење и е предизвик да се испитува како оваа генерација денес што за неа предизвикува оваа колективна траума, што памти како колективна траума што е пренесена низ разните медиумски канали.
Политичките оспорувања на македонскиот национален идентитет и на посебноста на македонскиот јазик од страна на бугарски политички и академски кругови, како и нивното вградување во билатерални и европски процеси, претставуваат форма на политички говор на омраза со сериозни последици врз правото на самоопределување, националното достоинство и европската интеграција на земјат, беше истакнато на отворањето на научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза“, во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.
Академик Марјан Марковиќ порача дека насловот на научниот собир звучи и парадоксално, бидејќи “150 години се навраќаме на истите прашања, за жал, не по наша волја”.

