Во рамки на работната посета на Берлин, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали учествуваше на работен ручек организиран од директорот на Европската академија во Берлин (European Academy Berlin), д-р Кристијан Јохан, посветен на европската перспектива на Македонија и иднината на политиката на проширување на Европската Унија, соопшти МЕП.
Разговорот бил насочен кон постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ и можностите земјите кандидатки да користат одредени европски политики и инструменти пред полноправното членство, во согласност со нивниот напредок во реформите.
Сали истакнал дека постепената интеграција не е замена за членството, туку начин процесот да биде покредибилен и поопиплив за граѓаните. Во тој контекст ги посочил придобивките од вклучувањето на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) како и значењето на напредокот во соработката за роаминг, транспорт, поврзаност и трговија.

Во фокусот биле и Планот за раст за Западен Балкан и поврзаноста меѓу спроведувањето на Реформската агенда, зајакнувањето на владеењето на правото и новите економски можности. Била нагласена важноста на предвидлив процес за проширување, што се темели на заслуги и е ориентиран кон резултати.
Во оваа рамка била истакната улогата на академските институции и истражувачките центри во поттикнувањето на информирана дебата за проширувањето на ЕУ и во зајакнувањето на разбирањето меѓу земјите членки и земјите кандидатки.
– Министерот Сали ја потврди посветеноста на Северна Македонија на реформите и полноправното членство во Европската Унија, нагласувајќи дека постепената интеграција треба побрзо да ги приближи граѓаните и компаниите до можностите на европскиот пазар – се нагласува во соопштението.

