Третманот за македонскиот идентитет не се менува суштински до денес и тоа најотворено се одразува врз официјалните позиции на Европската Унија кон македонската држава уште од нејзиното осамостојување. Така, наместо просто да биде верификувано постоењето на Македонија, во меѓународното право се иницира нов процес на преоценување дали воопшто постои или не посебен македонски народ, јазик, идентитет, култура па дури и и можноста да и се дозволи на македонаката нација да го користи името Македонија – истакна проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја при УКИМ во трудот со наслов „Историскиот наратив и наследство, политички процеси и институционални механизми на оспорување на македонскиот идентитет“ на денешниот научен собир „Негирањето на македонскиот јазик и македонската нација како форма на политички говор на омраза“.
– Тоа може да означува само јасна намера за целосно преосмислување и разградување на веќе формираната и етаблирана македонска нација преку методологија на доведување до ситуација на самооткажување од националните симболи, уставниот поредок, името, јазикот и идентитетот, како и најдеструктивната последица – самооткажување од историската меморија и националната митологија како инструменти со значајна фунција во одржувањето на сечиј национален идентитет и нација, притоа не само во однос на историските проучувања туку и на самиот идентитет и се засилува и неговото проблематизирање преку поставување на дилемата за етничкото потекло и со потенцирање исклучиво еден дел од етногенетските историски наслојки – антички или словенски, па дури до недвосмислена негација на македонскиот идентитет – рече професорката.

Во целиот тој процес, вели Ристовска-Јосифовска, се проблематизираат, а тоа и денеска го гледаме, буквално сите сегменти од македонската историја поврзана со идентитет, јазик, црква итн.
– И тука е проблематизирањето на идентитетот преку фактичко ништење на секоја поврзаност со античката историја или барем сеќавањето, меморијата на античките историски личности, кои не може да се земат како директни наследници, но сепак тие оставиле трага и во културата и во меморијата. И тоа е посебна проблематика. Тука е средновековниот период, во кој се проблематизираат некои клучни историски моменти од нашето минато, кои влегле на некој начин во националната култура и во националниот идентитет. Тоа се кирилометодиевската проблематика и словенската писменост, кои се еден од клучните историски периоди што ние ги проучуваме и што влегуваат во нашиот идентитет. И тука се средновековните, јас ги велам, автохтони династии, тоа се династијата на Самуил, чие седиште е во Македонија, и со сите одлуки што посебно треба да се разгледаат, и династијата на Мрњавчевци, тоа е кралството на Волкашин и Марко и, се разбира, секој посегнува од соседите по дел од оваа историја. И преродбенскиот период е особено проблематичен бидејќи тука се посочуваат разни личности како припадност на едни или други мемории – вели таа.
Професорката потенцира дека кога се зборува за создавањето на нациите, обично се гледа кон 18 или 19 век, а кога се пишува за создавањето на нациите на Балканот, главно се пишува за 19 век и по тој модел се креира европскиот мејнстрим-наратив во кој сите други просто не постојат.
– Според наше мислење, денешните проблеми со македонската позиција во која сме поставени, а тоа е сè уште докажување на македонскиот идентитет и нашето право на него, притоа доведени во ситуација на самоодрекување поради опстанок, но низ формално-правни постапки, е моделот по кој европската политика функционира барем два века, односно административно решение на македонското национално прашање преку негово бришење. Тоа е веќе видена работа од која се чини поуката не е доволно и целосно извлечена бидејќи сепак сме сведоци дека постои македонскиот идентитет, а во контекст на ова што го слушавме денеска е дека тоа и научно може да се докаже. Многу се радувам што е направен ваков потфат, всушност не политички, туку научно да се разгледа што се случува – рече, меѓу другото, професорката Ристовска-Јосифовска.

