Заврши асфалтирањето на улицата 29 Ноември и на краците 1 и 2 од улицата 15-ти Корпус во Берово, со што се реализирани нови инфраструктурни зафати во рамки на програмата за реконструкција на локалните патишта и улици.
На улицата 29 Ноември е асфалтирана делница во должина од околу 100 метри, додека на улицата 15-ти Корпус се реконструирани двата крака во вкупна должина од 379 метри.
Како што информираат од Општина Берово, за асфалтирањето на улицата 29 Ноември од општинскиот буџет се издвоени 578.766 денари.
Реконструкцијата на краците 1 и 2 од улицата 15-ти Корпус опфати расчистување, нивелирање, тампонирање, одводнување и асфалтирање. За реализација на проектот се обезбедени средства од Министерството за локална самоуправа, а општината дополнително инвестирала во изградба на армирано-бетонски потпорен ѕид.
-Вредноста на инвестицијата за реконструкцијата на улицата 15-ти Корпус изнесува 2.142.117 денари, обезбедени со поддршка од Министерството за локална самоуправа. Дополнително, од општинскиот буџет се издвоени 276.821 денар за изградба на армирано-бетонски потпорен ѕид – информираат од Општина Берово.
Со двата инфраструктурни зафати се подобруваат условите за движење и секојдневно функционирање на жителите, а од локалната самоуправа најавуваат продолжување на инвестициите во патната инфраструктура.

