Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе разговара со Општина Куманово и со надлежните владини институции за идната намена на „Пионерскиот дом“, објект кој е во владение на Министерството и со години е оставен да пропаѓа, информираше денеска Министерот Ѓоко Велковски при посетата на Куманово. Тој изјави дека прашањето било отворено и на денешната средба со градоначалникот на Куманов, Максим Димитриевски и оти засега е предвидено објектот да биде затворен и обезбеден за да не претставува опасност за граѓаните.

– Ќе разговараме со Генералниот секретаријат на Владата за да го расчистиме овој проблем. Мора да се договориме за комплетната намена на домот, заедно со сите чинители, Општината и нашето Министерство и Владата за да може објектот да го искористиме во вистинска смисла. Засега ќе го затвориме просторот за да биде непристапен, односно безбеден за кумановци, а потоа дополнително ќе одлучиме каква ќе биде неговата намена, рече Велковски.
Во врска со најавената изградба на детска градинка во населбата „Зелен Рид“, министерот информираше дека проектната документација сега е комплетирана и дека Општина Куманово ќе аплицира за средства од програмата за поддршка на капиталните инвестиции. Тој појасни дека проектот не бил целосно подготвен за претходниот повик за унгарскиот кредит, но сега документацијата е комплетирана и доставена во Министерството.

– Тоа беше една од точките што ги разговаравме со градоначалникот. Документацијата за градинката во населбата Зелен Рид сега е комплетирана и отворен е повик за програмата за поддршка на капиталните инвестиции. Градоначалникот ќе аплицира заедно со Советот на Општина Куманово, по што ќе продолжи постапката- изјави Велковски.
Одговарајќи на новинарски прашања за недостигот од кадар во Домот за стари лица „Зафир Сајто“, кој опслужува корисници од поширокиот Североисточен регион, Велковски рече дека од почетокот на 2024 година досега биле ангажирани повеќе од 20 лица.

Тој рече дека на установата ѝ е потребен дополнителен персонал за да може да обезбеди поквалитетна грижа за корисниците, но посочи дека бројот на вработувања е ограничен со блк дотациите за одобрените кадровски и финансиски можности. Министерот рече дека ќе биде подготвен план. Како позитивен чекор, ресорниот министер ја посочи и најавената реконструкција на ново крило во установата, проект што ќе се реализира со поддршка на прекугранична соработка и апликација на локалната самоуправа.
-Чекор по чекор се исполнува она што сме го замислиле и ветувале пред две години. Потребно е време за целиот систем да стане целосно функционален во овој дел- рече Велковски.

