Занаетчиството во Македонија сè повеќе тоне и изумира. Од почетокот на годинава во регистарот е пријавен само еден нов занаетчија, 12 престанале да ја вршат дејноста, а 25 занаетчии во Охрид ги затвориле дуќаните. За спас од заборав, занаетчиите бараат посебни олеснувања, особено за дефицитарните и традиционалните занаети. Предлагаат новите занаетчии во првите три години да бидат целосно ослободени од придонеси и персонален данок. За оние кои со години ја одржуваат дејноста, предвидуваат постепено ослободување од давачките – по 15 години стаж 50 проценти, а по 30 години целосно ослободување. Дополнително незадоволство предизвикале и последните измени во Законот за плати и придонеси.
„Се направија измени во Законот за плати. И пресметката за придонеси за плата најповеќе се погодени паушално оданочените занаетчии кои што можеби нелогично, но се единствените даночни обврзници во држава кои немаат право да поминуваат минимална плата. Односно, платата ја поминуваме врз основа на решението за паушално оданочување. Тоа е годишно решение и врз основа на тоа во некои занаетчиски дејности давачките се зголемени дури дупло“, вели Сашо Богоески, потпретседател на Занаетчиската комора на Македонија.
Од УЈП објаснуваат дека занаетчиите-паушалисти не примаат плата, туку остваруваат доход од самостојна дејност, кој се утврдува паушално. Со последните законски измени, УЈП ги изготвува пресметките за придонеси, но обврската за нивна уплата останува на самите занаетчии, при што основицата е иста како онаа за пресметка на данокот.
„Занаетчиите – паушалисти остваруваат доход од вршење самостојна дејност, а не плата од работен однос. Бидејќи не водат деловни книги, доходот од самостојната дејност се утврдува во паушален износ од страна на УЈП. Целокупниот доход од самостојната дејност е доход со кој обврзникот може лично да располага и може да го пренесе на својата лична сметка“, велат од УЈП.
Занаетчиите преку комората ќе побараат средба со премиерот за да ги презентираат проблемите. Велат дека не бараат привилегии, туку услови да можат да работат и да опстанат. Во спротивно, со секој затворен дуќан се губи уште еден занает, а со него и дел од традицијата. Во Охрид, кој е вистинска ризница на стари и уникатни занаети, на прсти се бројат кондураџиите, свеќарите и клучарите, а самарџиите, опинчарите и петличарите повеќе не фигурираат во регистарот на занаетчии. Цути бизнисот само на козметичарките и фризерките.

