Денот на ослободувањето на Битола, 4 Ноември ќе го одбележиме со почит кон историјата, но и со презентација на сработеното во изминатата година од овој мандат, истакна градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски на седница што денес ја одржа Советот на Општина Битола.
Според градоначалникот Коњановски, првата година од вториот мандат е со стратешки пристап и јасна визија за континуитет на активностите во функција на општина со над 85 илјади жители.
-Бројката од 180 проекти кои ја одбележуваат изминатата една година, потврдува дека оваа локална самоуправа, професионално и посветено, дејствува во вистинска насока. Фактите говорат дека 34 проценти од таа бројка на проекти се завршени, 27 се во фаза на реализација, за 17 проценти потпишани се договори, а за 22 проценти во завршна фаза се подготвителните постапки. Новата развојна ера на Битола, ја дефинира токму ваквиот организиран пристап, во кој постапките се спроведуваат плански, согласно подготвеноста и можностите за работа на терен за реализација на планираните капитални инвестиции, нагласи Коњановски и додаде дека општината не памети период со толкав голем број проекти, но благодарение на административната подготвеност, ниту период со толкава голема Владина поддршка.
Презентирајќи ја својата работа и ангажмани во првата година од вториот мандат, градоначалникот Коњановски ги издвои инфраструктурните проекти, инвестиции во образованието, туризмот, спортот и други области од надлежност на локалната самоуправа.

-Битола е општина со најголем број аплицирани и добиени проекти во државата од двата повици на Владата, а со тоа и Општина која треба да биде пример и за други локални самоуправи, што значи ветеното да се преточи во реализација. Во однос на процентуалниот сооднос според реализација на програми, секогаш настојуваме да дадеме подеднаква важност за различни целни групи, врз основа на анализи на засегнатите страни, нивните потреби и приоритети. Така е со програмите кои вклучуваат инфраструктура и уредување на градежно земјиште, но и со програмите за култура, спорт, социјална заштита и други програми. Предизвици има уште многу, а нивното решавање е можно само со посветена работа, конструктивна соработка и љубов кон градот кој мора да напредува во секоја област. Визијата за напредок, не препознава дневна политика, само јасна насоченост кон слушање на гласот на секој поединец, активна вклученост на експертските знаења и неуморно делување, за реализација на дела за иднината на градот кој ќе продолжи да се развива во современ центар на нашата татковина, посочи градоначалникот Коњановски.
Општина Битола со утврдена програма, неколку денови континуирано и на разни локации ќе го одбележува и празнува 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на градот.

