Под мотото „Заедно преку границите, заедно за развој“, во Делчево денеска беше одбележан Денот на европската соработка и 36-годишнината од програмата Interreg, при што беа презентирани резултатите од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Бугарија, како и тековните и идните инвестиции во локалните заедници од двете страни на границата.
На настанот беа претставени реализирани проекти во областа на туризмот, зелената инфраструктура, заштитата на природното и културното наследство, претприемништвото и унапредувањето на условите за живот на граѓаните, со посебен осврт на партнерството меѓу општините Делчево и Благоевград.
Ирена Бабамова – Стојчевска од Заедничкиот секретаријат на програмата Interreg IPA Бугарија – Македонија информираше дека од 2007 година, во рамките на трите програмски периоди, биле поддржани 206 проекти со учество на 463 организации и вкупен буџет од речиси 67 милиони евра.
Според неа, проектите придонесуваат за развој на туристичката и зелената инфраструктура, зачувување на природното и културното наследство, поддршка на претприемништвото и јакнење на локалните капацитети.
– Зад овие бројки стојат инвестиции во туристичката и зелената инфраструктура, заштитата на природното и културното наследство, претприемништвото и локалниот развој. Но, највредниот резултат е довербата меѓу луѓето и институциите од двете страни на границата, истакна Бабамова – Стојчевска.

Таа посочи дека во актуелниот програмски период 2021–2027 година се потпишани шест договори за проекти од областа на зелената инфраструктура, во вредност од 5,5 милиони евра, десет договори за интегрирани туристички проекти во вредност од 9,5 милиони евра, како и 11 договори за поддршка на економски оператори, вредни над 5,5 милиони евра.
Како значаен инфраструктурен проект за прекуграничното поврзување беше посочен и идниот граничен премин Клепало, чија целосна реализација се очекува до крајот на 2029 година.
Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Владимир Стојановиќ, истакна дека придобивките од европската соработка се одразуваат и во секојдневниот живот на граѓаните. Како пример го посочи новоизградениот скејт-парк во Делчево, кој обезбедува простор за спорт, рекреација и активности на младите.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, нагласи дека прекуграничната соработка има значајна улога во развојот на локалните заедници и дека границите треба да претставуваат врска меѓу луѓето, а не пречка за нивното поврзување.

Тој посочи дека Општина Делчево и Општина Благоевград веќе две децении соработуваат преку заеднички проекти, при што досега се успешно завршени четири проекти, а петтиот е во тек, со вкупна вредност од околу еден милион евра.
За тековниот проект, координаторот Тони Стојменовски ги презентираше реализираните активности и планираните инвестиции. Меѓу нив е изградбата на скејт-паркот во Делчево, за кој се издвоени 2,4 милиони денари, а кој веќе е ставен во употреба.
Во тек е и уредувањето на речното корито на Брегалница во должина од 300 метри. Подготвената техничка документација овозможила обезбедување средства за дополнителни 300 метри, додека се очекува потпишување договор за уредување на уште 500 метри низводно. Според најавите, со реализацијата на планираните активности, Делчево во период од помалку од една година би добило уреден кеј и шеталиште во должина од три километри, од двете страни на реката.
Во рамките на партнерството, активности се реализираат и во Благоевград, каде што се гради опсерваторија со дигитален планетариум. Предвидена е и изработка на дигитална туристичка мапа со тродневни туристички тури, стратешки документ за развој на туризмот на три јазици и туристичка тура наменета за промоција преку социјалната мрежа Инстаграм. Очекувањата се овие содржини да придонесат за привлекување најмалку 1.000 нови туристи годишно.
На настанот беа презентирани и резултатите од прекуграничните проекти на Центарот за развој на Источниот плански регион, кој досега реализирал десетина вакви проекти. Активностите се насочени кон интегриран развој на туризмот, реконструкција на културно-историски локалитети и планинарски домови, како и унапредување на зелената инфраструктура во соработка со Општина Штип и Општина Гоце Делчев.
Своите досегашни искуства ги претстави и Општина Берово, која од 2011 година реализирала шест проекти, а во моментот спроведува уште еден. Меѓу позначајните активности се воспоставувањето бизнис-инкубатор, уредувањето на првата фаза од кејот на Брегалница, енергетската санација на детската градинка во селото Русиново, поставувањето филтер-станица и развојот на мобилна апликација за Беровското Езеро.
Преку прекуграничните проекти во Берово била обезбедена и противпожарна опрема, како и обука на млади волонтери-пожарникари во рамките на проектот „Волонтери преку граница“.
Во тек е и реализацијата на проектот за изградба на нискојаглеродна велосипедска и пешачка патека во должина од 22 километри околу Беровското Езеро, со траса што води до граничниот премин Клепало.
Раководителот на Заедничкиот секретаријат во Ќустендил, Тони Јакимовски, потсети дека Денот на европската соработка се одбележува низ Европа веќе 15 години, во рамките на повеќе од 1.500 настани, со кои европските вредности и придобивките од заедничките иницијативи се доближуваат до над 57 милиони граѓани.
На настанот во Делчево беше отворено и прашањето за идната програмска рамка за периодот 2028–2034 година, со очекување прекуграничната соработка да продолжи да обезбедува можности за нови инвестиции и развојни проекти во регионот.
Одбележувањето беше заокружено со културно-уметничка програма, во која настапија локални хорови и фолклорни ансамбли. За утре е најавена теренска посета на реализирани проекти, како и симболично засадување дрво во знак на трајното пријателство и соработката меѓу партнерите од двете земји.

