Тирана во пламен. Запалени владини објекти, искршени излози, камења и молотови коктели на улиците. Демонстрантите се судрија со полицијата. Тринаесет повредени, неколкумина уапсени. Насилните протести во Албанија продолжуваат. Се бара оставка од Еди Рама, кој пак се заканува со строги казни за насилниците. . Илјадници демонстранти и вчера излегоа на улиците за подобар животен стандард, поквалитетни јавни услуги и политичка одговорност. На демонстрантите им се приклучија и универзитетски професори, уметници и претставници на опозициски партии, кои изразија поддршка за барањата на студентите..
Рама ги отфрла повиците за оставка, но најавува дека Владата ќе одговори на барањата на граѓаните. Тој предупредува, дека оние кои учествуваат во насилството ќе се соочат со кривични и финансиски последици.
„Тие кои го величаат насилството, го поттикнуваат или учествуваат во него, мора да разберат дека исто како што урбаниот терор врз населението, бизнисите и обичните семејства во Албанија беше интензивен и долготраен, така и одговорот на државата ќе биде решителен и истраен. Барањата, причините и потребите на оној дел од општеството кој бара посилен владин одговор на зголемените трошоци за живот, како и загриженоста околу унапредувањето на кадрите врз основа на заслуги, остануваат во апсолутен фокус на мене и на владата.“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.
Немирите во Тирана се дел од поширокиот бран незадоволство што ја зафаќа Европа. Франција, Грција и Португалија се исто така опфатени со масовни протести од страна на граѓаните. Албанија се соочува со сопствена ескалација, протестите веќе се шират и надвор од центарот на Тирана. Дел од демонстрантите испраќаат и пораки против опозицискиот лидер Сали Бериша, покажувајќи дека критиките не се насочени само кон владата.

