Најдоцна до крајот на годинава треба да биде пуштен во употреба новиот болнички блок на охридската Специјална болница „Св. Еразмо“, на кој се чека повеќе од една деценија. Во меѓувреме, хирурзите, наместо привремените три до шест месеци, речиси десет години оперираат во старите импровизирани сали, во супстандардни услови.
Болничкото крило, наместо одамна да ги прима пациентите, останало заглавено во нерешени институционални и правни постапки. Изградбата почна во 2013–2014 година, но во 2017-та работите запреа поради судски спор меѓу претходниот изведувач и Министерството за здравство. Така, болничкото крило досега останало недовршено, иако дел од градежните работи биле изведени, а дел од опремата веќе била монтирана.
„После 10 години, дури и тоа што беше готово, треба да претрпи одредени реконструкции, на пример, одредени подлоги во оперативните сали или ѕидните облоги исто така требаше да се променат, заради тоа што забот на времето си го сторил своето. После 10–15 години, тие веќе не се корисни, бидејќи не беа користени тие делови од објектот. Така што, имаше комплетна запоставеност во минатиот период“, вели д-р Харалампие Шокароски, директор на ЈЗУ „Св. Еразмо“, Охрид.
За по десетгодишниот застој да продолжи изградбата, морало да се направи вештачење, со кое се утврдила состојбата на објектот и актуелните цени на преостанатите работи. Притоа, се покажало дека и дел од веќе изведеното мора повторно да се реконструира, бидејќи повеќе не ги исполнувало потребните стандарди.
„Се доработи проектот. Фактички, во текот на 12–13 години имаше голема варијација во самите цени на чинење, а одредени болнички стандарди се променети, така што има и одредени конкретни ревизии на проектот и промени во самата изведба. Секогаш тоа е тековна и жива материја, а изградбата, посебно на вакви специфични објекти од типот на здравствените установи, секогаш налага дополнителни стандарди“, вели Шокароски.
Со довршувањето на новиот блок, болницата ќе добие четири нови оперативни сали, како и околу 30 болнички соби, дел со апартманско сместување. Покрај градежните работи, се монтира и нова медицинска опрема. Ваков крупен инвестициски циклус не е забележан можеби повеќе од 30 години во нашата институција, вели Шокароски. Целта е пациентите конечно да добијат современи услови за лекување, особено во најчувствителниот период по операциите. Но, потребите за реконструкција не завршуваат со новиот блок. Останатиот дел од болницата датира од крајот на 70-тите или почетокот на 80-тите години, затоа се разговара и за нов проект за реконструкција на стариот дел.

