Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани во „Паркот на Револуцијата“ викендов по 29-ти пат ја организираше традиционалната манифестација „Денови на медот“.
На повеќе од дваесет штанда пчелари од Куманово, Пробиштип, Велес, Пехчево, Кочани и други градови ги претставија своите пчелни производи, разменувајќи искуства меѓу себе и во непосредни средби со граѓаните ги пренесуваа корисните карактеристики на медот, матичната млеч, пергата и другите пчелни производи. Манифестацијата ја посети и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов.

Според Борчо Атанасов, претседател на ПЗ „Матица“, манифестацијата е резултат на целогодишниот труд на пчеларите и можност тие да се претстават пред граѓаните, но и место каде што посетителите можат да дегустираат и да купат квалитетен мед.
-Годинава имаме пчелари од цела Македонија, па покрај локалниот мед, посетителите можат да ги споредат вкусовите и да ги запознаат специфичностите на медот од различни региони. Сите изложени производи се македонски, а секој регион има свој вкус и специфики – истакна Атанасов.
Пчеларите посочија дека годинашниот принос на мед е значително помал во споредба со минатата година, што, како што рекоа, се должи на неповолните временски услови и други фактори кои влијаат врз производството.

Предвидената поддршка, како субвенции од државата, изнесува 600 денари за секое регистрирано пчелно семејство, како и дополнителни 200 денари по семејство за одгледувачите со повеќе од 50 пчелни семејства, доколку исполнуваат најмалку еден од пропишаните услови поврзани со регистрацијата или продажбата на мед.
Покрај економското значење на пчеларството, на манифестацијата беше посочено и на незаменливата улога на пчелите во природата. Преку опрашувањето, тие придонесуваат за разновидноста на растителниот свет, развојот на земјоделското производство и зачувувањето на природната рамнотежа.

Покрај медот и останатите пчелни производи, посетителите на овие „Денови на медот“ во Кочани имаа можност да разгледаат и да купат опрема за пчеларство, наменета за потребите на пчеларите и за пчелното производството.

