Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности на клучката кај Момин Поток, која по повеќегодишен застој сега се наоѓа во завршна фаза. Според најавите, проектот треба да биде завршен до крајот на годината.
Ѓорѓиевски истакна дека по преземањето на проектот градежните работи се одвиваат со забрзана динамика, а во изминатите неколку месеци се реализирани повеќе значајни активности.
-Клучката кај Момин Поток ја затекнавме во повеќегодишна стагнација, без никакви градежни активности и без завршена експропријација. За само неколку месеци ја завршуваме голготата низ која минуваше народот- изјави Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека целосно е завршен големиот мост што ги поврзува булеварот Никола Карев со булеварот 8 Септември и улицата Скупи. Едната страна од левиот дел кон граничниот премин е целосно асфалтирана, а завршени се и подземните инсталации, вклучувајќи ја атмосферската канализација и операторските кабли.
Дополнително, два од трите моста на реката Серава се целосно завршени, додека на третиот мост градежните работи продолжуваат со засилено темпо.
Градоначалникот изрази очекување дека до Нова година клучката, мостовите и целиот потег ќе бидат ставени во функција.
Според најавите, со завршувањето на проектот треба да се подобри проточноста на сообраќајот и да се намали метежот во овој дел од Скопје, каде што граѓаните со години се соочуваат со сообраќајни проблеми.
-Скопјани предолго чекаа на овој проект и конечно ќе го добијат она што го заслужуваат – порача Ѓорѓиевски.

