Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги поздравува активностите на ОКТА за ублажување на ценовните притисоци и поддршка на стабилноста на домашниот пазар на горива.
-Од 20 октомври до 2 ноември, ОКТА ја продолжува иницијативата за попуст од 2 денари по литар дизел-гориво, со што се обезбедува дополнителна поддршка во услови на нестабилност на светските енергетски пазари – се наведува во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека ваквите иницијативи се значајни за домашната економија, стопанството и граѓаните, особено во период кога стабилноста на цените на енергенсите има директно влијание врз трошоците на компаниите и животниот стандард.
Според најавите, вкупната поддршка на ОКТА за домашниот пазар од март годинава се очекува да достигне околу 8 милиони евра.
Министерството, како што се посочува во соопштението, останува посветено на обезбедување сигурно снабдување со енергенси, стабилен пазар на горива и координација со релевантните чинители, со цел ублажување на ценовните притисоци и заштита на стандардот на граѓаните.

