Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, денеска оствари средба со вршителката на должноста амбасадорка на САД во Македонија, Никол Варнс, на која било разговарано за повеќе прашања поврзани со иднината на општината и можностите за соработка.
Како што информира Стаменкова, во разговорот биле опфатени теми поврзани со младите, предизвиците и можностите што ги носи процесот на транзиција, како и улогата и потенцијалот на дијаспората.
На средбата било разговарано и за можностите што ги нуди Македонска Каменица, нејзините природни убавини и потенцијалите за понатамошен развој.
– Посебно ми беше драго што имавме можност отворено да разговараме за иднината на нашиот град и поддршката што ни е потребна во процесот на транзиција. Нашето барање за поддршка ќе биде разгледано, а се надевам дека оваа средба ќе биде чекор кон нови можности за соработка, истакна Стаменкова.
Таа посочи дека ваквите разговори се значајни, особено кога се однесуваат на иднината на младите и создавањето нови перспективи за Македонска Каменица.
Стаменкова изрази благодарност за посетата, отворениот разговор и можноста за размена на мислења за прашања од значење за идниот развој на општината.

