Планината Јабланица да се прогласи за национален парк, бидејќи само на тој начин државата ќе може да ги заштити нејзините ретки природни богатства, кои масовно се експлоатираат, и да стави крај на неконтролираното искористување на планинските ресурси. Еколошките здруженија се подготвени до крај да ја истуркаат иницијативата, која се влече цели 17 години.
Од Македонското еколошко друштво потсетуваат дека првата студија за валоризација била изработена уште во 2009 година. Тогаш започнала институционална постапка за прогласување на Јабланица за национален парк, која се одолговлекувала со години, поради што целиот процес морал одново да почне.
„Во моментот е направена нова студија за валоризација, со новата состојба, со природните вредности. Експертскиот тим, односно стручната фела, ја вреднува Јабланица како едно вредно место за заштита на биолошката разновидност заради присуството на ретки, ендемични видови. Обично луѓето, кога ќе слушнат заштитено подрачје, мислат дека немаме право веќе да користиме ништо на тој простор. Едноставно, тоа треба да се тргне. Всушност, голем дел од просторот и во новото заштитено подрачје и во националниот парк останува на користење на ресурсите од страна на државните институции, јавните претпријатија“, вели Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.
Пустошењето на шумите и бесправната сеча може да доведат до ерозија на земјиштето и намалување на искористеноста на водните ресурси, а тоа е голема закана за планината. Ова е аргумент плус зошто Јабланица мора да добие трајна заштита преку прогласување за национален парк.
„Треба некако овие нелегални активности, да кажеме, или непожелни активности, неадекватни, да бидат ставени во некаква форма на позатегнато управување. Националниот парк, генерално заштитеното подрачје, нуди таква можност, бидејќи тогаш се уредува просторот според вредностите, согласно со сите оние активности што се случуваат во просторот, да бидат вклопени, но да се почитуваат сите законски основи поврзани со користење на шуми, лов, градба итн.“, вели Китанова.
Сега постапката е во Министерството за животна средина и просторно планирање. Потребни се мислења од надлежните институции за границите, зонирањето и мерките за управување, по што конечната одлука за прогласување национален парк ја носи Владата. Инаку, од 2008 година, заштитен е само овој дел од планината што ја зафаќа соседна Албанија. Националниот парк „Шебеник-Јабланица“ има голема посетеност, а доколку Јабланица се прогласи за национален парк и од македонска страна, туристите ќе можат да уживаат во една од најживописните планини што ја делат двете соседни држави.

