– Дваесеттина учесници од повеќе градови од државата, денеска ги претставија своите локални производи на второто издание на Фестивалот на калинката во Општина Валандово. На плоштадот во центарот на градот посетителите можеа да вкусат различни производи меѓу кои слатка, мармалади и сокови направени од калинки, како и од друго овошје, маџун, зимници, сушени производи, мед, и други изработки преку кои секој изложувач го презентираше местото од каде што доаѓа.

– Калинката е симбол на нашиот град и нашата гордост. Денес сме тука да покажеме дека кога срцата се обединети и малите идеи стануваат големи дела. Овој фестивал го започнавме со една идеја која денес станува наша заедничка приказна за вредните земјоделци и нашите локални производители, порача Лејла Рајкова, претседателка на Здружението за локален рурален развој “Валандер” кое е организатор на фестивалот.
Производители од валандовското село Раброво велат дека фамилијарно одгледуваат калинки на нивните ниви, а калинката ја ползуваат за различни производи.

– Ние сме производители од куќен праг, регистрирани преку Агенција за здрава исхрана. Произведуваме мармалад од калинка, го правиме прво сокот, потоа во процесот на вриење се создава мармалад. Оваа година направивме и комбинација од боровинка и калинка, како и јагода и калинка, а направивме и мармалад без шеќер погоден за дијабетичари. Како земјоделци од Раброво, си имаме наши калинки на површина од еден хектар и целта ни е да правиме преработки за да не ја изгубиме калинката на нивата, велат од “Дака” – Валандово.
“Тера мегдан”, исто така локални производители од валандовското Раброво покрај конвенционален сок од калинка, произведуваат и органски сок од калинка и органско ладно цедено маслиново масло. Велат дека имаат за цел покрај преработката на калинка да стигнат и до понуда на првокласна калинка на европскиот пазар.
Виктор Рајков од Валандово на 15 декари одгледува сопствена калинка во истото село, и вели дека досега нема проблеми во производството.

– Дојдовме пред се да ја понудиме на продажба нашата домашна калинка, потоа сокот од калинка, маџун од калинка, ликер од калинка, а тука е и грозјето од сортата валандовски дренак, како и домашните слатка кои ги прави мојата сопруга. Можам да кажам дека Валандово е идеално поднебје за одгледување на калинката и како производители немаме некои позначителни штети од климатските промени, вели Рајков.

Во годинешните учесници се вбројаа и “Трантал фарм преспино”, локални производители од Ресен кои освен познатото ресенско јаболко ги понудија и своите производи од јаткасти плодови, цреши и сливи, производители на маџун од Кавадарци, производители на сушен зеленчук за приготвување на оброци, сушена овча урда која може да се користи како додаток во јадењата и сушено овошје за подготовка на здрав оброк десерти или пијалоци од Радовиш , како и производители на природна козметика “Лавандово”, кои од насади од лаванда произведуваат повеќе козметички производи.
Во музичкиот дел на Фестивалот на калинката свои настапи имаа повеќе локални културно уметнички друштва, како и музичкиот состав за традиционална песна “Распеани валандовчани”.

