Под мотото „Добрината не престанува – таа расте“, денеска со почеток во 16 часот, на улицата „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настанот „Тоше, те сакаме сите“, посветен на ликот и делото на Тоше Проески.

Настанот го организираат ООУ „Лазо Ангеловски“, наставниците и родителите, со цел заеднички да се одбележи 19-годишнината од заминувањето на македонската музичка легенда и да се потсетиме на неговата музика, хуманост и добрина.
Манифестацијата е од отворен карактер, а поканети се сите почитувачи на Тоше, младите и граѓаните од цело Скопје кои сакаат преку музика и заедништво да му оддадат почит на човекот што остави неизбришлива трага во нашите срца.
Програмата ќе обедини ученици, музичари и граѓани, а меѓу активностите е и отворањето на новото хортикултурно катче, уредено со помош на родителите, како и пораки од децата посветени на добрината и споменот на Тоше.

На сцената ќе настапат хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“, Next Time, Ламбе Алабаковски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, The Crew, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.
Дел од музичката програма ќе бидат и младите таленти Јосиф Коштримовски, Михаил Милошевски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Цорциана Дуца, Агнеса Русомаровска, Софија Недановска и други изведувачи.
Реализацијата на настанот е поддржана од Општина Аеродром, Универзална сала и Lions in Move, а помош во организацијата обезбедуваат и Baking Bread, Местенце и Лапетит.
Организаторите упатуваат благодарност до сите изведувачи, ученици, родители, наставници и помагатели што придонесуваат за овој настан.

