Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна средба со претставници од бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои се во посета на земјата.
Како што информира Кабинетот на Божиновска, во фокусот на разговорите беше искористувањето на потенцијалот на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во земјата, како и можностите за складирање на енергијата од обновливи извори. Се дискутира за зајакнување на мрежната инфраструктура поради интегрирање нови капацитети од ОИЕ, што воедно е приоритет и во координација со МЕПСО. Беше нагласено значењето на диверзификацијата на производството од ОИЕ, кое е високо на агендата на ЕУ.
Министерката Божиновска истакна дека постои огромен интерес кај граѓаните и компаниите за користење на енергијата од обновливи извори и дека Министерството ќе работи на овој план во иднина.

Беше разговарано и за донесувањето на законот за јавно-приватно партнерство, при што беше нагласено значењето на новите инвестиции во енергетиката, меѓу кои и приватните инвестиции.
Меѓу темите за кои се дискутира беа разменети мислења и за критичните минерални суровини, како и за паметните мерни системи (smart-метри), кои треба да бидат заменети во наредните осум години, и за подзаконските акти во согласност со Законот за користење на енергијата од обновливи извори во делот на Contracts for Difference (CfD).
Посебен дел од разговорите се посвети и регионалното поврзување на земјата со соседите за што министерката информира за напредокот во однос на енергетското поврзување со Грција и Србија потенцирајќи дека се работи и на нови мрежни поврзувања со земјите од регионот.

На средбата беше нагласено значењето и на кибербезбедноста како предуслов за безбеден енергетски систем за што беше истакната можноста за заемна соработка на ова поле.
Во делегацијата на ЕБОР, составена од директори надлежни за разни региони, беа присутни Рене ван Хел, директор за Холандија, Кина, Македонија, Ерменија и Монголија, претставникот на ЕБОР за земјата, Фатих Туркменоглу, како и директорите за другите земји од регионот и светот.
Божиновска на средбата ги претстави активностите на Министерството за зајакнување на домашниот енергетски систем, енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата. Во таа насока, беа презентирани конкретните законски решенија, на кои во моментот работи Министерството, а кои се насочени кон остварување на стратешките цели на државата во енергетскиот сектор. Претставниците на Европската банка за обнова и развој ги поздравија заложбите на Министерството за создавање стабилен и предвидлив енергетски систем оценувајќи ги како многу понапредни во однос на одредени земји од регионот, на кои им се потребни децении за реализација на конкретни чекори во енергетиката.

– Божиновска на состанокот ја потврди силната посветеност кон партнерството со ЕБОР како еден од клучните партнери на нашата држава во напорите за создавање стабилна енергетска иднина за државата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на партнерски пристап и целосна имплементација на реформските чекори за зголемување на енергетската сигурност, што ќе придонесат за побрз развој на државата – наведуваат од МЕРМС.

