Во Свети Николе денеска започнува официјалниот дел од тридневното меѓународно собрание на Интернационалната полициска организација за безбедност, на кое се очекува присуство на повеќе од 40 поканети гости и експерти од различни области поврзани со безбедноста и општествениот развој.
На собирот ќе учествуваат стручни лица и експерти од областа на безбедноста, сообраќајот, криминалистиката, спортот, енергетиката, образованието и здравството.
Како што е најавено, собирот ќе биде можност за размена на стручни искуства, воспоставување нови професионални контакти и унапредување на меѓународната институционална соработка.
Централен настан на првиот ден ќе биде потпишувањето меморандум за соработка со EUROPEAN ORGANIZATION од Тирана. Целта на меморандумот е воспоставување и унапредување на соработката во области од заеднички интерес, како и размена на знаења и искуства и создавање можности за идни заеднички активности и иницијативи.
По повод официјалниот почеток на собранието и потпишувањето на меморандумот, ќе биде одржана прес-конференција на која ќе бидат презентирани целите на меѓународното собрание, значењето на воспоставената соработка, како и идните насоки за дејствување и можностите за реализација на заеднички проекти во областа на безбедноста и сродните стручни области.

