Сè поголем е отпорот во САД против одлуката на претседателот Доналд Трамп привремено да ѝ дозволи на Русија да извезува дизел на светскиот пазар. По критиките од демократите, против договорот се кренаа и републиканци, а 12 сенатори од двете партии, со заедничко писмо, побараа од Трамп да го поништи договорот со рускиот претседател Владимир Путин. Сенаторите бараат да се повлече аранжманот што ѝ овозможува на Русија до средината на април да продаде речиси 36 милиони барели дизел.
„Овој договор е подарок за нашиот противник и предавство на нашите сојузници. Мора да биде повлечен“, се наведува во писмото.
Белата куќа засега не го коментира барањето. Трамп го објави договорот за рускиот дизел минатиот петок, по телефонскиот разговор со Путин, тврдејќи дека договорот ќе помогне за намалување на рекордно високите цени на дизелот.

