Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски остварил работна средба со генералниот директор за јавна безбедност на Република Австрија, Франц Руф, на која била потврдена одличната соработка меѓу двете земји и заедничката определба за нејзино натамошно унапредување.
На средбата, како што соопшти Тошковски на социјалните мрежи, се разговарало за борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, илегалната миграција, трговијата со луѓе, тероризмот и сајбер-криминалот, како и за зајакнување на размената на оперативни информации и заедничкото полициско дејствување.

-Австрија е наш значаен и доверлив партнер, со кој соработуваме и преку европски проекти и иницијативи за јакнење на владеењето на правото, модернизација на полицијата и подобрување на граничната безбедност. Безбедносните предизвици не запираат на државните граници, затоа и нашиот одговор мора да биде заеднички, навремен и одлучен – напиша Тошковски.
Министерот Тошковски во објавата посочува дека ќе продолжат да го зајакнуваат партнерството со Австрија, со конкретна цел за посилна македонска полиција, побезбедни граѓани и поголем придонес кон заедничката европска безбедност.

