Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од денеска до 16 октомври ги организира 11. Отворени денови, во чии рамки утре и задутре ќе се одржува 11. меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“. Централна тема на конференцијата е „Нормата и јазикот“ и ќе учествуваат 95 домашни и странски лингвисти.
– Отворените денови остануваат симбол на отвореноста на Институтот за македонски јазик за сите почитувачи на македонскиот јазик – рече директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, во поздравното обраќање.
Покрај државните годишнини – 85 години од почетокот на антифашистичкото народно востание и 35 години од незавиноста на државата, Институтот на годинешните Отворени денови ќе одебележи уште неколку јубилеи: 1.110 години од упокојувањето на Климент Охридски и 1.140 години од основањето на Охридската книжевна школа; 100 години од упокојувањето на Крсте Мисирков; 90 години од раѓањето на Коста Пеев и 80 години од раѓањето на Марија Коробар-Белчева, Димка Митева, Маријана Киш и на Кита Бицевска.
Јованова-Грујовска во говорот соопшти што постигнал Институтот во изминатата година, односно од минатогодишните Отворени денови, и како најзначаен научен проект го издвои објавувањето на првиот том од Етимолошкиот речник на македонскиот јазик од проф. д-р Гоце Цветановски. Во последната година одржале неколку научни собири и настани посветени на јазикот, докторирале осум асистенти, кои пред четири години беа вработени во Институтот, со поддршка од МОН се набавени 12 нови лаптопи. Од Министерството за култура и туризам, пак, рече имаат поддршка за објавување списанија и монографии, а со средства од други извори, со самофинансирање и соиздаваштво, Институтот објавил 12 нови книги.
Во оваа пригода директорката Јованова-Грујовска рече дека им е потребна поддршка за повеќе научни проекти, настани и публикации и дека објектот има потреба од внатрешни и надворешни интервенции.

Манифестацијата со поздравно обраќање ја отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој порача дека таму каде што се почитува еден јазик, се почитуваат и луѓето што го говорат.
– Во време кога националните јазици го губат својот простор, а глобализацијата ги потиснува јазиците на малите народи, наша одговорност не е само да го зачуваме нашето јазично наследство, туку и да го одржуваме живо, да го развиеме и да го отвориме кон светот. Пред сè, наша одговорност е да го гледаме јазикот како мост меѓу луѓето, да создадеме услови млади генерации да ги познаваат и почитуваат своите јазици, но истовремено да имаат можност да учат и други јазици, да комуницираат со други култури и да бидат активни граѓани на едно европско општество – истакна Гаши.
Нагласи дека Собранието ја поддржува работата на научните институции, вклучително и на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ,како и на сите други научни образовни и културни институции, кои, рече, „придонесуваат за зајакнување на националниот идентитет на македонскиот народ и на другите идентитети што се градат со векови во нашата држава“.
Во Институтот денеска е Ден на францускиот јазик затоа што нивната установа, рече директорката Јованова-Грујовска, „секогаш била и е пример за почитување на различните јазици и култури“.

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер, со порака добро да се знае сопствениот јазик, но ги нагласи и значењето на повеќејазичноста и важноста да се учат и говорат и други јазици, освен мајчиниот.
– Добро да се познава својот јазик е првото и најважно знаење. Институтот одамна ги негува врските помеѓу францускиот и македонскиот јазик, особено во областа на синтаксата, има и позајмени зборови од францускиот јазик. Но, се разбира, врските помеѓу двата јазици и двата наши народи не застануваат само на позајмените зборови. Знам и дека Инститиут посветено работи на проучувањето на јазичните еквиваленти меѓу францускиот и македонскиот јазик. И сето тоа нè учи на нешто кон кое ние Французите сме многу приврзани, а тоа е повеќејазичноста. Таа ни помага да создадеме алатка за да градиме мостови. Но, повеќејазичноста ни создава алатка и за подобро да го познаваме и подобро да го проучиме својот сопствен јазик – истакна Ле Риголер.
За значењето на научноистражувачката активност на Институтот за македонски јазик во изминатите седум децении, се осврна Иван Чорбев, проректор за меѓународна соработка на Универзитетт „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
– Во повеќедецениското работење Институтот за македонски јазик прерасна во значајна научна и реномирана образовна институција во областа на македонскиот јазик со огоромен потенцијал за завршување на фундаментални научноистражувачки проекти. Резултат на оваа работа се илјадници објавени страници во монографии, речници, списанија и зборници. УКИМ и научната јавност со должна почит и внимание ги очекуваат новите наслови што ќе бидат промовирани на годинешните Отворени денови – рече Чорбев.

