Македонското друштво „Илинден“ – Тирана ја поздравува изјавата за заедничка подготовка на номинацијата на Преспанскиот Регион за листата на светското наследство на УНЕСКО, потпишана од Бленди Гонџја, министер за туризам, култура и спорт на Албанија, Седат Сулејмани, министер за култура и туризам на Македонија, и Лина Мендони, министерка за култура на Грција.
– Преспанскиот Регион претставува исклучително природно, историско и културно богатство што ги поврзува трите земји. Неговите уникатни природни вредности, биолошката разновидност и богатото културно наследство се од особено значење не само за локалните заедници туку и за поширокиот регион и за европското културно и природно наследство – нагласува во пишаната изјава претседателот на „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај.
Македонското друштво смета дека оваа иницијатива претставува значаен чекор кон зајакнување на прекуграничната соработка, заедничката заштита и промоцијата на природното и културното наследство, како и кон создавање нови можности за локалното население преку развој на одржливиот туризам.
– Впишувањето на Преспанскиот Регион на листата на светското наследство на УНЕСКО би придонело за неговата меѓународна афирмација, зајакнување на заштитата на неговите исклучителни вредности и поттикнување одржлив економски развој, со целосно почитување на природата, традициите и културниот идентитет на локалните заедници – вели Ѓурѓај.
Македонското друштво „Илинден“ -Тирана ја изразува својата целосна поддршка за сите напори насочени кон зачувување на заедничкото природно и културно наследство и унапредување на соработката меѓу Албанија, Македонија и Грција.
– Заштитата на Преспанскиот Регион е заедничка одговорност и важна инвестиција во иднината, во интерес на сегашните и идните генерации – нагласува Ѓурѓај.

