Кандидатот за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Трајче Пеливанов, кој е јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, претставувајќи ја својата кандидатура пред Советот на јавни обвинители, порача дека е свесен за тежината и очекувањата и оти на функцијата не гледа како на привилегија, туку како на можност и обврска да се придонесе за успешна и независна институција.
Врз основа на неговото долгогодишно искуство во правосудството, Пеливанов нагласи дека непосредното познавање на состојбите му овозможува да зборува реално и со јасна свест за одговорноста што ја носи и спроведувањето.
Во основата на својата програма, Пеливанов порача дека е независноста на Обвинителството и ефикасност, заснована на докази и закон, а не водена под притисок на сензационализам.
– Обвинителството мора да биде независно, професионално и способно не само да гони, туку и да ја открива, обезбедува и одзема криминалната корист. Успехот не се мери само со бројот на отворени предмети или поднесени обвиненија, туку преку целосно истражени предмети, судски одржливи докази и враќање на незаконски стекнатиот имот во државната сопственост – порача Пеливанов.
Во фокусот, според Пеливанов мора да бидат финансиските истраги и одземање на криминално стекнатиот имот и финансиската истрага мора да стане составен дел од секоја кривична постапка уште од самиот почеток, истакнувајќи дека не верува во статистика што создава привид на успех, туку во резултати што можат професионално да се верификуваат.
– За успешно функционирање неопходно е законско зајакнување на сопствените капацитети, вклучително и на истражниот центар и ангажирањето финансиски експерти – изјави Пеливанов, нагласувајќи дека целта не е изолација од Министерството за внатрешни работи и другите институции, туку градење на доволни капацитети за самостојно и навремено дејствување.
Единствено мерило во работата, подвлече Пеливанов, мора да биде законот, доказите и професионалната проценка на обвинителот.
– Програмата предвидува јасен систем за управување со сложените предмети, утврдени приоритети и реално следење на напредокот – изјави Пеливанов.
Според Пеливанов, потребно е градење професионална средина во која искуството ќе се почитува, знаењето ќе се споделува, а секој обвинител ќе има соодветна поддршка, но и јасна одговорност за резултатите. Обвинителството треба да постапува одлучно и законито, без да подлегнува на сензационализам или надворешни притисоци.
На прашање од државниот јавен обвинител Ненад Савески во врска со предизвиците и професионалните дилеми во долгогодишната кариера, тој истакна дека низ годините имал ситуации со спротивставени ставови и размислувања со претпоставените. Пливанов нагласи дека во тие моменти се трудел својот став да го наметне со аргументи, со темелна анализа на доказите, како и со почитување и цитирање на законските одредби, додавајќи дека во такви случаи неговите одлуки биле прифаќани бидејќи раководителите не можат секогаш темелно да го познаваат секој поединечен предмет.
Во пораката упатена до своите колеги пред изборот закажан за 28 октомври, Пеливанов го повика одлуката да ја донесат „самостојно и без влијанија, водени од професионалните критериуми“, бидејќи на институцијата, како што нагласи ѝ е потребен раководител кој длабоко ја разбира и е целосно подготвен да ја преземе одговорноста за нејзиното понатамошно водење.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

