Земјоделските производители ќе мора бргу да ги приспособат своите активности кон најавената промена на синоптичката состојба. Тие треба будно да ја следат влажноста на почвата по дождовите за да го одредат оптималниот момент за сеидба, но и навремено да ги организираат транспортот и складирањето на веќе собраните плодови пред почетокот на пообилните врнежи за да се зачува нивниот долготраен квалитет – велат агрометеоролозите од УХМР.
Тие потсетуваат дека од петокот времето се дестабилизира, а според прогнозите, во наредниот период ќе биде променливо облачно и постудено, со повремени врнежи од дожд. На некои од повисоките планини врнежите ќе преминат во снег. Утре, ќе дува и засилен до силен ветер од северен правец, кој наместа ќе надминува брзина од 60 km/h.
– Изминатиот период во земјата донесе исклучително стабилни временски услови, со ведри и свежи утра со пониски температури, но и со сончеви и пријатни топли денови. Ваквите есенски услови создадоа одлични предуслови за интензивирање на теренските активности од финализирање на годинешниот род до подготовка на парцелите за следната реколта. Овие временски услови беа оптимални за есенската сеидба кај полјоделските култури нудејќи им на производителите идеално време за истовремено финализирање на годинешниот род и подготовка на парцелите за следната реколта. Овој период се сметаше за оптимален почеток на есенската сеидба кај полјоделските култури, при што производителите максимално ги искористија овие суви денови за квалитетна претсеидбена обработка на почвата. Истовремено, на полјоделските површини во полн ек е финалното прибирање на пченката и сончогледот, кои веќе ја достигнаа својата целосна технолошка зрелост, а сувото време овозможува нивно брзо и ефикасно жнеење, без загуби во квалитетот. Паралелно со полјоделските активности, актуелна е и бербата во овоштарниците, каде што доцните есенски сорти јаболка, круши, дуњи и мушмули се во фаза на целосна зрелост и нивното присобирање треба да се одвива континуирано. Кај овие повеќегодишни дрвенести видови веќе почнува и природниот процес на повлекување и акумулирање на хранливите материи кон кореновиот систем и стеблото, што е клучно за нивната отпорност во текот на претстојните зимски мразеви – објаснуваат агрометеоролозите.
Според нив, со оглед дека гроздоберот за најголемиот дел од винските и трпезните сорти е веќе завршен, лозовите насади полека ја финализираат својата вегетација, а карактеристичното пожолтување и паѓање на лисјата е знак дека растенијата постепено влегуваат во фаза на мирување.
– Голема раздвиженост деновиве има и во градинарското производство, каде што производителите на пиперки, домати и индустриски корнишони се наоѓаат во финалната фаза од бербата. Препораката до нив е максимално да побрзаат со прибирањето на преостанатите плодови од отворените полиња за да се пресретнат ненадејните падови на ноќните температури и појавата на рани есенски слани, кои може сериозно да го оштетат родот. За разлика од нив, зимските зеленчуци, како зелката, карфиолот, празот и морковот, во моментот поминуваат низ фаза на забрзан вегетативен пораст и формирање на главиците и корените, па нивното конечно присобирање се очекува кон крајот на овој месец. Овој период воедно е и одличен за засадување нови насади со есенски лук и кромид, како и за сеидба на спанаќ и зимска салата, кои одлично ја поднесуваат есенската клима и се наменети за рано пролетно пласирање на пазарите – истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

