Следниот вторник ќе се знаат дополнителните идеи на Европската Унија за постепена интеграција на Западен Балкан која, сепак, не е замена за полноправно членство. Ова го најави денеска комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, од Пржно, Црна Гора каде учествува на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес. Основната идеја, е државите да искористат што е можно повеќе придобивки од ЕУ, без притоа да бидат полноправни членки. Кос додаде дека Унијата размислува како да ја задржи безбедноста, но и за проширување базирано на принципот на заслуги.
„Геополитиката одредува зошто проширувањето е важно и колку итно мораме да дејствуваме. А ние се држиме до принципот базиран на заслуги, бидејќи токму заслугите ги одредуваат условите, како и тоа кој е подготвен за пристапување и кога. Кога размислуваме за предностите од проширувањето, мислиме и на безбедноста. Тоа е клучен елемент. Меѓусебната зависност се користи како оружје, а се соочуваме и со директни напади врз нашата демократија и начин на живот. Процесот на проширување всушност значи преземање контрола врз сопствената судбина во Европа“ – вели еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Марта Кос порача и дека отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на Берлинскиот процес, преку добрососедски односи, регионална интеграција, меѓусебна доверба и соработка. Им порача на државите од Западен балкан да ја искористат оваа можност за проширување на ЕУ и на неа да гледаат како на можност за помирување.
„ ЕУ нуди заедничка иднина во која конфликтите од минатото губат на значење. Не заборавајте, интеграцијата во ЕУ е простор за помирување. Не смееме да заборавиме дека европската интеграција е изградена врз одлуката на некогашните непријатели да ги залечат раните од минатото. Таму каде што соседите заеднички ќе се соочат со наследството од минатото, старите поделби со текот на времето можат да исчезнат, а тоа е од клучно значење за внатрешната кохезија и општествената стабилност на проширената ЕУ“ – вели Кос.
Кос истакна дека годинава е веќе рекордна кога е во прашање проширувањето. За девет месеци биле затворени повеќе поглавја отколку во која било претходна година во последните 25 години. Додаде дека ЕУ треба да биде силен трговски блок, бидејќи ниту една држава не може да опстане сама. Зборувајќи за економските придобивки, еврокомесарката рече дека првите 10 од членството во ЕУ би можеле да доведат до зголемување на БДП по глава на жител за една третина, а за петнаесет години – за речиси половина. Токму тој бенефит го оствариле државите кои се приклучиле на Унијата пред 22 години.

