ЕУ ја отвора огромната економија за земјите што чекаат да се приклучат во Унијата. Но условот е тие да се согласат да застанат заедно со блокот против непријателските држави и индустриските ривали, се вели во нацрт-предлогот на Европската комисија до кој дошол Политико.
На земјите кандидати – од кои некои со децении чекаат да станат членки ќе им биде понудена „постепена интеграција“ во единствениот пазар, вклучувајќи трговија без пречки и пристап до истражувачки програми, додека се работи на нивните апликации, се вели во нацрт-планот. „Единствениот пазар е првиот приоритет за економска конвергенција“, стои во ревизијата на придобивките за „претпристапување“ што ќе им бидат понудени на земјите кандидати.
„Раната интеграција би отворила можности за бизнисите од Унијата, би ги зајакнала европските вредносни синџири и би ги намалила стратешките зависности. Комисијата ќе идентификува каде верификуваното регулаторно усогласување и капацитетот за спроведување дозволуваат подлабоко учество во истражувањето, иновациите и индустриската соработка, како и поширок пристап до пазарот. Приоритет треба да имаат можностите што ги унапредуваат подготовките за пристапување и ги задоволуваат заедничките економски и стратешки потреби“, пишува во нацрт документот. – се вели во нацрт – документот кој го објави Политико.
Документот, како што објавува медиумот бил надгледуван од главниот советник на Фон дер Лајен, Александар Адам, поранешен помошник на францускиот претседател Емануел Макрон, радикално би го променил пристапот на ЕУ кон земјите во нејзиното соседство. Како дел од пакетот мерки на Адам, на Украина, Молдавија, Албанија и на Црна Гора ќе им бидат понудени „патокази“ дизајнирани за забрзување на процесот на зачленување во наредните години. Останатите, како Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, се сведоци на одолговлекување на процесот.
Пред доаѓањето на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, премиерот Мицкоски вели дека Владата останува на ставот дека евроинтегративниот процес треба да се продолжи преку разговори и изнаоѓање решение за проблемот со Бугарија ,но истовремено нагласи дека условите со кои денес се соочува Македонија биле прифатени од претходната Влада.
„Па добро ние сме го кажале ставот многу пати до сега по тоа прашање. Јас немам што да додадам на тоа што сум го кажал и не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата којашто секој ден е, би рекол сѐ порадикален и личи како да се дојдени од некоја Али експрес испорака на некоја друга опозициска партија. Така што тој дел од опозицијата, не би сакал да го коментирам. А нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и да на крајот од денот најдеме решение.“ вели премиерот Христијан Мицкоски.
Предлогот за учеството на Брисел во дијалогот со Бугарија се очекува исто така да се најде на маса. Владата бара целосен пресврт во преговарачкиот формат. Наместо средби зад затворени врати, премиерот бара присуство на трета страна, претставници на Европската комисија или на НАТО за објективно соочување на аргументите.

