Сите освен СДСМ седнаа на маса со цел изнаоѓање начин да се деблокира Изборниот законик, кој е дел од реформската агенда на Македонија. Министерот за правда Јетон Шасивари, изрази задоволство што се одржала конструктивна средба за сите отворени прашања, изразувајќи надеж дека со низа предлози, ќе се дојде до сериозен и повеќе од потребен напредок, со цел европско изборно законодавство. Потенцираше дека до Венко Филипче ќе упати официјална покана да дојде на следната средба, бидејќи за целиот процес е потребен широк консензус.
-Целта на оваа средба беше да уште ги сослушаме сите аспекти хронолошки на овој процес, кој што се одвиваше четири месеци и е дел од реформскиот процес на нашата држава. Третиот аспект е дека отсуството на СДСМ, како релевантна политичка партија во нашиот политички систем е хендикеп за овој процес, изјави Шасивари.
Ставовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се јасни, дијаспората мора да гласа, а за се друго се подготвени да прифатат што и да понуди опозицијата, согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
-Би требало да биде и кај СДСМ свеста поголема, дека изборниот законик е нешто што се усогласува со конзенсуз и важи за следните пет, десет, петнаесет или дваесет години и добро е да учествуваат доколку имаат демократски капацитет, без разлика на внатрешнополитичките состојби со кои се справуваат како предизвик, изјави пратеникот Антонио Милошоски.
Од ДУИ порачуваат дека ќе продолжат активно со преговорите со цел да се најде најдобро законско решение.
-Сме отворени за дијалог, мислам дека бевме и сме многу блиску до еден широк консензус, што е можност да се исполнат и препораките од ЕУ. Се надевам не само да се грижиме за овие препораки, туку и за другите, изјави пратеникот Блерим Беџети.
Од ЗНАМ порачуваат дека СДСМ со тоа што ги бојкотираат разговорите за Изборниот законик, само покажуваат дека немаат ништо државотворно како партија и немаат право да говорат дека некој го блокира европскиот пат на Македонија.
-Токму нивното отсуство говори за немање демократски капацитет и од денес сметам дека веќе ја прокоцкаа последната шанса аргументирано да говорат и да критикуваат дека некој ги забавува реформите, односно реформскиот процес, изјави пратеничката Весна Бендевска.
Од Левица пак сметаат дека тоа што СДСМ го блокира процесот, само покажува дека немаат демократски капацитет како партија. Велат дека се залгаат за една изборна единица и промени во распределбата на средсбатава за политичко рекламирање.
Инаку, покрај отстуството од средбите на работната група, СДСМ Изборниот законик го блокира и во Собранието со поднесено 9.500 амандмани. 4.500 амандмани има и Левица.
Матеја Петровски

