Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска најави дека на 28 октомври ќе биде промовирана националната мобилна супер апликација „М.услуги“ преку која граѓаните ќе може да пристапуваат до електронски документи и државни услуги директно од своите мобилни телефони.
Образложувајќи го проектот пред пратениците, Андоновски, одговарајќи на пратеничко прашање, истакна дека целта е постепено да се промени начинот на кој граѓаните комуницираат со институциите и да се овозможи пристап до јавните услуги на ист начин како што денес се користат банкарските и другите дигитални услуги.
– На 28 октомври ја планираме официјалната промоција на „М.услуги“, национална мобилна супер апликација преку која граѓаните ќе добијат пристап до своите електронски документи и до државните услуги директно од мобилниот телефон – рече Андоновски.

Тој информира дека проектот е развиен во соработка со Европската Унија, Лисабонскиот совет, како и со поддршка од Полска и Украина и дека неговата вредност е над 1,5 милион евра.
– Ова е проект вреден повеќе од 1,5 милион евра, средства директно од Европската Унија и 0 денари од македонскиот буџет – нагласи министерот.
Андоновски потенцира дека апликацијата ќе биде бесплатна и незадолжителна за користење.
– Апликацијата е бесплатна за сите граѓани и нејзиното користење нема да биде задолжително за ниеден граѓанин. Целта не ни е да бидеме нова обврска, туку нова можност – истакна министерот.
Според него, во првата верзија граѓаните ќе може да пристапуваат до електронските верзии на личната карта и возачката дозвола, а ќе бидат достапни и услуги за потврда за стаж и пристап до лични податоци од Централниот регистар на населението.
Тој појасни дека дигиталните документи нема да претставуваат едноставни фотографии од исправите, туку ќе бидат поврзани со сигурен механизам за електронска идентификација.
– Дигиталниот документ не е обична фотографија од личната карта зачувана во галеријата на телефонот, туку документот е директно поврзан со сигурен механизам за електронска идентификација со можност институцијата да ги провери неговата автентичност и валидноста во реално време – рече Андоновски.
Во наредните фази, додаде министерот, апликацијата ќе нуди дополнителни функционалности, како што се електронско сандаче, потсетници за истекување важни документи и полесен пристап до најкористените услуги на институциите.
Како инспирација за македонското решение тој ги посочи украинската апликација „Диа“ и полската mObywatel наведувајќи дека во Полска за четири години мобилната апликација ја користат 12 милиони граѓани.
Според најавите, „М.услуги“ ќе биде достапна за преземање преку платформите Play Store и App Store од 29 октомври, ден по официјалната промоција.
– Нашата цеол е многу едноставна: граѓанинот да има избор – да продолжи да ги користи постојните начини или да заврши сè повеќе административни постапки преку својот мобилен телефон брзо и ефикасно – рече министерот Андоновски.

