Училиштата ги оставаат отворени вратите за упис на првоодделенчиња до крајот на септември. Околу 1.300 првачиња помалку од лани годинава седнуваат во училишните клупи, а бројката не е конечна, затоа што во следните седум дена се очекуваат нови првачиња. Од Министерството за образование и наука велат дека доцнењето со уписите, но и намалениот број на раѓања како и иселувањето се дел од причините за намалената бројка.
„Оваа година за разлика од минатата имаме помалку 1300 првачиња. Во 2020 се намалиле раѓањата на 800 помалку раѓања што значи разликата е 500 првачиња. Освен на наталитет се должи и на иселување или на некои други несакани случувања.“- вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Падот на бројот на првачиња, сепак, не може целосно да се објасни само со намалениот број на раѓања. Дел од одговорите надлежните ги бараат и во односот на родители. Иако постапката требаше да биде завршена порано, дел од родителите чекаат до последе ден за да ги запишат своите деца во училиште.
„Мене ми е жал што не се почитува доследно правилникот за упис на ученици во прво одделение. Веќе во мај – јуни требаше да бидат запишани и внесени во електронскиот дневник првачињата. Ние последниот ден од септември ќе вршиме уписи.“ – вели Јаневска.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во учебната 2018/2019 година во прво одделение биле запишани повеќе од 22.100 ученици. Лани бројот на запишани првачиња изнесуваше 17.921, што е намалување за повеќе од 4.000 ученици за седум години.
Паралелно со тоа, се намалува и бројот на живородени деца. Во 2020 година во Македонија се родиле 19.031 дете, додека во 2024 година бројот паднал на 16.061. Тоа е намалување од речиси 3.000 новороденчиња за четири години.
Последиците се чувствуваат директно во образовниот систем. Од оваа година се затвараат 26 рурални училишта, а бројот на паралелки е намален за околу 200 во основното и 100 во средното образование.

