Реклама

Владата подготвена за нови мерки ако продолжи растот на горивата

Пресуда за Мерко: 5.000 евра казна за незаконското обележје на општината

Стаорците го разбудија Герасимовски – конечно почна вонредната дератизација во Општина Центар

Разбиена мрежа за шверц на лекови: Претреси во три града и шест уапсени

Западно нилска треска одзема уште еден човечки живот

Македонскиот рубин добива „лична карта“ – ќе биде препознатлив национален производ

Градоначалникот на Центар Герасимовски како да се скри во глувчешка дупка

Се бара решение за блокадите на Али Ахмети: Има ли начин да се победи собранискиот проблем наречен ДУИ?!

Синдикална кошница: ВМРО-ДПМНЕ со контрааргументи на математиките на ССМ и обвинувањата на СДСМ

Оризопроизводителите во Кочанско ја почнаа жетвата, државата и производителите во дијалог за надминување на предизвиците

Крушево ја добива долгоочекуваната обиколница, поголема безбедност во сообраќајот и нов поттик за туризмот

Стручното образование станува попривлечно за младите, но се уште не ги задоволува потребите на стопанството

Македонија

Андонов: Василево со инвестициски циклус од околу 150 милиони денари за патишта, училишта, спортски терени и комунална инфраструктура

Почитувани медиуми,почитувани граѓани на Општина Василево, во октомври минатата година повторно ја…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Почитувани медиуми,почитувани граѓани на Општина Василево, во октомври минатата година повторно ја добив вашата доверба да ја водам Општина Василево. Доверба која за мене претставува голема чест, но пред сè – уште поголема обврска. Обврска да продолжиме да работиме чесно, домаќински, одговорно и посветено, во интерес на секој граѓанин и на секое населено место. Денес, по речиси една година од почетокот на новиот мандат, сум пред вас за да дадам отчет за сработеното, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од дешената прес-конференција на Славе Андонов, градоначалник на Општина Василево.

Пред вас излегов со Изборна програма, со конкретни проекти и јасно поставени приоритети. Денес можам да кажам дека дел од тие проекти веќе се реализирани, дел се во реализација, а за повеќе капитални инвестиции се обезбедени средства и се создадени услови за нивна реализација.

Работата не запре ниту еден ден. Цврстата основа што ја изградивме во претходниот мандат ни овозможи уште од првата година да започнеме нов инвестициски циклус од околу 150 милиони денари, со проекти во повеќе населени места и во различни области. Тоа не се само бројки на хартија.

Реклама

Тоа се улици, канализации, мостови, училишта, спортски терени, јавни простори, комунална инфраструктура и проекти кои директно го менуваат секојдневието на нашите граѓани.

Инфраструктурата останува еден од нашите најголеми приоритети. Најголемиот капитален проект од претходниот мандат – Василево конечно да добие фекална канализација, а септичките јами да бидат минато – го реализиравме.

Во Василево, по претходно поставувањето на системот за фекална канализација, во овој мандат ја реконструиравме главната улица, на потегот од Домот на културата до амбулантата во Василево.

По претходно поставената фекална канализација ја асфалтиравме и улицата што води од Поштата кон црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Василево.

Со тоа ја комплетиравме инвестицијата – од подземната инфраструктура до нов асфалт во срцето на општината. Нов асфалт доби и улицата во Турското Маало во Василево.

Обезбедени се средства за асфалтирање на улицата од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ до селските гробишта во Василево, каде што исто така претходно беше поставена фекална канализација.

Еден од поголемите и покомплексни инфраструктурни зафати го реализираме во Пиперево. Таму, по изградбата на системите за фекална и атмосферска канализација, во последна, завршна фаза е асфалтирањето на главната улица и изградбата на пешачка патека од двете страни на улицата.

Тоа е пристапот што го применуваме. Прво ја решаваме подземната инфраструктура, а потоа улиците ги враќаме во целосна функција. Работиме плански и домаќински, за еднаш направеното да биде трајно решение, а не привремено крпење на проблемите.

Работевме и во останатите населени места. Во Владевци го асфалтиравме патот што води до црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Со тоа обезбедивме достоинствен пристап до храмот и реализиравме едно долгогодишно барање на жителите од ова населено места , кое всушност беше дел и од конкретните ветувања содржани во мојата предизборна програма.

Во Ангелци, исто така по претходно поставување на системот за фекална канализација, ја асфалтиравме улицата што води кон селските гробишта.

Во Нова Маала ја асфалтиравме улицата покрај ООУ „Атанас Нивичански“, а заврши и асфалтирањето на патот кон селските гробишта.

Во Добрашинци завршивме со асфалтирањето на дел од главната улица. Во Едрениково изградивме мост во близина на училиштето, со што решивме долгогодишен проблем во ова населено место.

Со новиот мост значително се подобрува безбедноста, пред сè на учениците, но и на сите жители, а истовремено се олеснува нивното секојдневно движење.

Но инфраструктурата не е само асфалт. Еден од најважните приоритети останува изградбата на канализациски системи во сите населени места. По Василево, Радичево, Владевци, Пиперево и Ангелци, продолжуваме и во другите населени места.

За Градашорци обезбедивме околу 22 милиони денари за изградба на дел од системот за фекална канализација, со крајна цел постепено да создадеме современи услови за одведување на отпадните води на целата територија на општината.

Работиме и на обезбедување фекална канализација со пречистителна станица за Седларци. Нашата цел е и ова населено место да добие современо, функционално и одржливо решение за отпадните води.

Изградбата на фекалните канализациски системи во Градашорци и Седларци се приоритетни проекти во мојата Изборна програма. Паралелно работиме и на заштита од атмосферските води и превенција од поплави.

Целосно го исчистивме отворениот атмосферски канал во центарот на Василево, кој со децении беше запоставен. Се чистеше и речното корито пред влезот во Пиперево, како и коритото на реката Струмица помеѓу Владевци и Сушево, каде со отстранување на наносите и вегетацијата превентивно делуваме за заштита на домовите и земјоделските површини.

Беше исчистен и дел од речното корито на реката Турија кај Добрашинци, со што се подобрува проточноста и превентивната заштита од излевање при зголемен водостој.

Во Дукатино е во напредна фаза изградбата на отворен канал за прифаќање и одведување на атмосферските води. Со ова создаваме трајно решение за подобро справување со атмосферските води и намалување на ризикот од поплавување.

Во Владевци во тек е уште една значајна инвестиција – комплетно партерно уредување на централното подрачје. Се уредува дворот на параклисот, просторот околу кошаркарското игралиште, а ќе бидат поставени и нови детски реквизити со гумена подлога, со што ќе се формира една уредена целина за одмор, игра и дружење.

Вредноста на оваа инвестиција е околу 2 милиони денари, целосно обезбедени од сопствените извори на приходи на Општина Василево. Тоа е уште еден доказ дека кога се работи домаќински и одговорно, можат да се реализираат значајни проекти и со сопствени средства.

Со градежен материјал обезбеден од Општината беше изграден и ограден ѕид на влезниот дел од дворот на црквата „Св. Никола“ во Градашорци.

Посебно внимание посветивме на животната средина и комуналните услуги. Ја расчистувавме дивата депонија покрај локалниот пат Василево–Пиперево, која претставуваше опасност и за околните земјоделски површини.

За прв пат целосно е расчистена дивата депонија во Пиперево, во близина на големото фудбалско игралиште. Токму дислокацијата на депонијата во Пиперево е дел од моите ветувања пред граѓаните во Изборната програма.

За прв пат го вклучивме Добрашинци во системот за организирано собирање комунален отпад. На домаќинствата им беа поделени бесплатни канти, а ЈПКД „Турија“ воспостави редовно неделно собирање на отпадот.

Го зајакнавме и капацитетот на нашето комунално претпријатие со ново возило за собирање комунален отпад – уште една конкретна мерка предвидена во програмата.

Работевме и на модернизација на јавното осветлување.Во Радичево и Дукатино старите светилки ги заменивме со современо ЛЕД паметно улично осветлување.Со тоа обезбедивме поквалитетно и поекономично осветлување, поголема безбедност за жителите и го финализиравме процесот на реновирање на уличното осветлување во општината.

Април го прогласивме за Еко месец во Општина Василево, со повеќе активности насочени кон подигнување на еколошката свест, чистење и уредување на животната средина.

Поставивме и специјализирани контејнери за собирање текстилен отпад на повеќе локации. Преку организирани и масовни еколошки акции покажавме дека чистата животна средина не е само обврска на институциите, туку заедничка одговорност на сите нас.

Работевме и за спортот и за младите. Со финансиска и материјална поддршка од Општина Василево, целосно го уредивме теренот на големото фудбалско игралиште во Василево, создавајќи подобри услови за тренинг и натпревари.

По повеќегодишна пауза, ФК Василево повторно се активира и се враќа на фудбалските терени. Општината застана зад обновувањето на клубот и ќе продолжи да биде негов партнер.

Во континуитет ги поддржуваме спортските турнири во повеќе населени места, како и клубовите и индивидуалните спортисти. За фудбалското игралиште во Пиперево изработивме Основен проект за изградба на соблекувална, со што ја подготвуваме и следната инвестиција.

Поддршката на спортот, турнирите и спортската инфраструктура е значаен дел од програмата со која ја добивме довербата на граѓаните. Во новиот мандат продолживме и со инвестициите во културата и општествениот живот.

Во Домот на културата во Василево е во тек адаптација на простории за нов пензионерски дом. Со тоа реализираме едно долгогодишно барање на нашите пензионери и едно конкретно ветување од Изборната програма – да обезбедиме сопствен простор за нивно секојдневно дружење и активности.

Во 2026 година за прв пат го организиравме и „Културно лето Василево“, по повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица. А со тоа реализиравме уште едно изборно ветување – востановување на нова културна манифестација која сакаме во иднина да прерасне во традиција.

Продолжуваме да ги поддржуваме и традиционалните манифестации, културните активности, верските празници и иницијативите што ги обединуваат жителите на нашата општина. Посебно значајна инвестиција е и реконструкцијата на Домот на културата во Градашорци, каде преку европски средства создаваме современ културен и туристички простор.

Ќе добиеме спомен-соба посветена на Мис Стон, Туристички информативен центар и мултифункционална сала. Ова не е само реконструкција на еден објект.Ова е создавање ново место за култура, историја, туризам и промоција на Василево. 

Нашата работа е насочена и кон образованието и најмладите. Продолжуваме со традиционалната финансиска поддршка од 2.500 денари за секое прваче, а оваа година обезбедивме и училишен прибор за првачињата.

Истовремено работиме на подготовка и реализација на нови инвестиции во училишните објекти и дворови, затоа што подобри услови за образование значат и подобра иднина за целата општина.

Во тек е целосна реконструкција на централното училиште „Гоце Делчев“ во Василево. Во ПУ во Ангелци се реализира оградување и партерно уредување на училишниот двор, со што и овој простор добива современ и безбеден изглед.

Поддршката не завршува со најмладите. Продолжуваме со мерките за различни категории граѓани, со еднократната помош и со создавање услови Општината да биде присутна таму каде што на граѓаните им е најпотребна.

Токму субвенционирањето на различни категории граѓани е една од определбите на програмата за овој мандат. Сакам Општина Василево да биде институција која не е само административен центар, туку институција која ги слуша граѓаните, ги разбира нивните проблеми и реагира кога е најпотребно.

Еден од капиталните проекти кој ќе биде реализиран во наредниот период е асфалтирањето на главната улица во Чанаклија. Во Сушево нема да остане улица неасфалтирана, а во Радичево ќе биде пуштена во употреба фекалната канализација која е во вредност од околу 50 милиони денари. Во Висока Маала ќе се уреди централното подрачје, за организирање на различни настани.

За прв пат Едрениково ќе добие повеќенаменско игралиште. Во Пиперево ќе се реконструира постоечкото повеќенаменско игралиште. Тоа беше наше ветување. И тоа ветување ќе стане реалност.

Почитувани сограѓани,

Сето ова е направено за помалку од една година. Но за мене отчетноста не значи да кажеме само што сме завршиле. Треба јасно да кажеме и што сме започнале и што допрва треба да реализираме. Пред нас се големи капитални проекти.

Продолжуваме со канализациската инфраструктура, со патиштата и улиците, со образованието, спортот, културата, животната средина и со инвестициите во секое населено место.

Изборната програма е наша обврска пред граѓаните. На крајот од мандатот граѓаните треба да можат да ја отворат таа програма и проект по проект, да видат што сме ветиле и што сме реализирале.

Тоа е најчесниот начин да се бара доверба од граѓаните. Првата година покажува дека сме на добар пат. Не велам дека сè е завршено. Не е. Има уште многу работа.Има улици што треба да се асфалтираат, канализации што треба да се изградат, училишта и јавни објекти што треба да се реконструираат и проекти што треба да ги претвориме од документација во градилишта.

Но она што можам да го кажам е дека работата е започната, динамиката е силна, а резултатите се видливи на терен. Во претходните четири години изградивме цврста основа. Во првата година од новиот мандат покажуваме дека таа основа ја надградуваме.

И ќе продолжиме. Ќе продолжиме да бидеме на терен. ќе продолжиме да ги слушаме граѓаните, ќе продолжиме да обезбедуваме средства и да реализираме проекти, ќе продолжиме да работиме домаќински и одговорно.

За секое населено место, за секој наш граѓанин. Затоа што наша обврска не е само да ветуваме, нашата обврска е да реализираме. Изградивме цврста основа. Продолжуваме посилно напред!