Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска учествуваше на конференцијата на Воениот комитет на НАТО на ниво на началници на Генералштабови, која се одржува во Копенхаген, Данска, информираат ог ГШ.
На состанокот, со кој претседавал претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, учествувале началниците на Генералштабовите на сојузничките земји, како и врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Алексус Г. Гринкевич и врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандие.

-Во фокусот на дискусиите на конференцијата беа актуелните безбедносни предизвици и стратешки прашања од витално значење за Алијансата со посебен акцент на зајакнување на колективното одвраќање и одбрана, имплементација на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Анкара, иновации и технолошки развој во одбраната, како и континуирана поддршка за Украина, информираат од Генералштабот.
За време на состанокот, генералот Лафчиски ја потврдил цврстата посветеност на нашата држава кон зајакнувањето на колективната одбрана и зачувувањето на регионалната стабилност.

Притоа, тој го истакнал непрекинатото учество на нашата Армија во активностите за заштита и одбрана на источното крило на Алијансата, како и посветеноста кон постојано унапредување на оперативната подготвеност преку процесите на модернизација, интензивни обуки и учество на меѓународни вежби.
Во рамки на работниот дел од конференцијата било спроведено и гласање за избор на следен претседавач на Воениот комитет.

Воениот комитет се состанува за да дискутира за операциите, мисиите, вежбите, капацитетите и други релевантни теми на НАТО. Како највисок воен орган на НАТО, неговата главна улога е со консензус да му обезбеди на Северноатлантскиот совет воени совети за начинот на кој Алијансата најдобро може да се справи со глобалните безбедносни предизвици.
Пред почетокот на активностите, делегацијата на Армијата предводена од началникот на Генералштабот, оствари средба со амбасадорот на Република Северна Македонија во Кралството Данска, Фадил Зендели.

