Искористувањето на обновливите извори на енергија, посебно на сончевата, за потребите на домаќинствата, може да биде вносна инвестиција која значително би ги намалила семејните трошоци за електрична енергија. Според пресметките, за добивање 3 киловати електрична енергија на месечно ниво, инвестицијата едно семејство би го чинела околу 3.000 евра, со можност за поврат на вложените средства за период од 5-8 години, во зависност од користењето на електричните уреди во домот. Ова беше истакнато на денешниот едукативен соларен саем кој се одржа во Прилеп.
„Најголем дел од граѓаните ја гледаат само економската добивка. Значи, не ја гледаме ние добивката преку заштитата на животната средина, туку ние гледаме ако инвестираме 3.000 евра тие да ни се вратат за 2-3 години, односно после тие три години да произведуваме дополнителна електрична енергија и ЕВН да ни враќа пари. За жал, системот не функционира така. Треба поголемиот дел што ќе го произведете да го користите дома, а не да го враќате во системот“, – вели Филип Стојановски од Центарот за климатски промени.
Засега во Македонија нема државна стратегија за искористувањето на сончевата енергија на овој начин. Но, со промената на Законот за енергетика, очекувањата се дека државата, преку општините, ќе најде начин и за субвенционирање на овие сончеви системи. Со тоа и граѓаните да се охрабрат да инвестираат во ваквото двонасочно производство на електрична енергија.
„Гледаме дека интересот кај граѓаните за инвертер-уредите е доста висок и дека сите почнаа да ги заменуваат. А ако имавме ние ситуација поголемиот дел се грееа на огревно дрво, сега имаме ситуација огревното дрво да се исфрли од употреба… Се надеваме дека ова претставува еден придонес кон осовременување на нашите домаќинства, користењето на удобноста на модерните технологии и дека и ние ќе почнеме во иднина да ги користиме овие технологии“ – појаснува Стојановски.
Инаку, со овие соларни централи може да се произведува електрична енергија, од која неискористениот дел може повторно да се врати кон ЕВН. За таа цел, потребно е на покривите да се постави соларна или фотонапонска централа. За целата постапка, единствено што треба да се направи е да се извести општината и да се направи проект од страна на изведувачот на системот, кој потоа подлежи на ревизија и комуникација со ЕВН, од каде го водат целиот процес.

