Инвестираме во младите, градиме детски игралишта и поставуваме урбана опрема во Ранковце, изградивме улична инфраструктура и инвестираме во патишта, изјави на прес-конференција Даниел Павловски, градоначалник на општина Ранковце од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во партиското соопштение.
Почитувани сограѓани,
Пред неполна една година ја презедов одговорноста за раководење со Општина Ранковце.
Функцијата градоначалник ја прифатив знаејќи дека таа не претставува привилегија, туку обврска, одговорност и доверба што ја доделуваат граѓаните.
Денес пред вас не излегувам со нови ветувања, туку со отчет.
Отчет за реализираните активности.
Отчет за проектите што се во тек.
И отчет за проектите за кои се обезбедени средства и кои претставуваат следен чекор во развојот на нашата општина.
Во изминатиот период работевме водени од едно јасно начело:
Со општинските средства да управуваме одговорно и рационално, а секој работен ден да го претвораме во конкретен резултат за граѓаните.
Силната локална самоуправа се темели на луѓето кои ја сочинуваат.
Затоа, во првата година обезбедивме зголемување на платите за сите вработени во Општина Ранковце и ТППЕ за 4.000 денари.
На сите вработени им е исплатен и регресот за годишен одмор за 2026 година, во висина од 60% од просечната исплатена нето-плата во претходната година.
Паралелно со грижата за вработените, посветено работиме и на одржувањето на финансиската стабилност на институцијата.
Врз основа на судската пресуда во спорот со „Макоил“, од Буџетот на Општина Ранковце се исплатени околу 11.000.000 денари, со што се опфатени главниот долг, каматата, адвокатските и судските трошоци.
По завршувањето на локалните избори, целосно се исплатени и Општинската изборна комисија и избирачките одбори, во вкупен износ околу 2.500.000 денари.
Денес можеме одговорно да констатираме:
Сите фактури по преземените договори за јавни набавки и тековните трошоци се сервисираат навремено. Нема доспеани, а неплатени фактури.
Тоа е основата врз која се гради стабилна и функционална општина.
Во првата година инвестиравме во инфраструктурата и во подобрувањето на условите за живот во населените места.
Реализирана е реконструкција на објекти во сопственост на Општина Ранковце, во вкупна вредност од 991.000 денари, со средства од општинскиот буџет.
Станува збор за канцелариите на ЈКП Чист Ден и канцеларија која ќе се стави во функција на социјалниот центар за потребите на граѓаните.
За потребите на ТППЕ набавивме противпожарна опрема и друга механизација, во вредност од околу 200.000 денари.
За потребите на ЈКП и Општината е набавен комунален мулчер, во вредност од околу 105.000 денари.
Обезбедени се и околу 730.000 денари за набавка на мешан и дробен камен за тампонирање и подобрување на уличната мрежа.
ЈКП „Чист Ден“ е поддржано со 1.000.000 денари трансфер од општинскиот буџет, согласно одлуката на Советот.
Во областа на уличното осветлување, реализирано е осветлување во с. Псача и с. Гиновце, во вредност од околу 1.000.000 денари.
Во с. Ранковце е изграден дел од улица во должина од 250 метри, во вредност од околу 1.000.000 денари, со средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски.
Сервисирана е и обврската кон АД „Водостопанство на РМ“, со што се создадени услови за чистење и уредување на речните корита.
Станува збор за различни инвестиции, но сите имаат една заедничка цел:
Ранковце да биде поуредно, побезбедно и поквалитетно место за живеење.
Еден од нашите најзначајни приоритети е подобрувањето на локалната патна инфраструктура.
Во с. Опила е реализирана реконструкција на локален пат во должина од околу 1 километар, со вкупна вредност од 13.207.000 денари:
2.529.000 денари од Буџетот на Општина Ранковце;
10.678.000 денари обезбедени од Владата преку унгарскиот заем.
Во с. Гиновце е реализирана реконструкција на локалниот пат кај железничката пруга, во должина од 520 метри, во вредност од 3.600.000 денари, со средства обезбедени преку Владата од унгарскиот заем.
Во с. Псача и с. Петралица – Дикина Маала е реализирана изградба на дел од локален пат во должина од околу 1.200 метри, во вредност од околу 9.000.000 денари, со средства обезбедени од Владата преку унгарскиот заем.
Со средства обезбедени од Светска банка се реализира и реконструкција на локалниот пат во с. Одрено и с. Псача, во должина од околу 2,5 километри.
Овие километри не се само обична бројка.
Тие значат полесно движење, подобра поврзаност меѓу населените места и поквалитетно секојдневие за граѓаните.
Нашата визија за Ранковце не се темели само на асфалт и инфраструктура.
Општина во која сакаме да живеат младите мора да создава услови и за нивните деца.
Затоа е спроведена јавна набавка за изградба на детски игралишта и поставување урбана опрема, со средства од Буџетот на Општина Ранковце во висина од 4.129.245 денари.
Тоа е инвестиција директно насочена кон најмладите жители на нашата општина.
Развојот не завршува со реализираните активности.
Во тек е јавна набавка за изградба на улично осветлување во с. Ранковце, во вредност од околу 1.500.000 денари.
Во тек е и јавна набавка за набавка на нова компјутерска опрема за Општинската администрација, со што продолжуваме со модернизацијата на локалната самоуправа.
Еден од нашите стратешки приоритети е обезбедувањето средства надвор од општинскиот буџет.
Во тек е реализација на ИПА-проект за прекугранична соработка со Република Бугарија, во вредност од околу 116.000 евра.
Преку проектот ќе се адаптира училишната зграда во с. Петралица во Центар за традиционални вредности, а ќе се опремат и простории во с. Отошница за престој на туристи.
Дополнително, обезбеден е и ИПА-проект со Република Косово, во вредност од околу 180.000 евра, за регулација на коритото на Голем Дол.
Овие средства не претставуваат само финансиска поддршка.
Тие се можност за инфраструктурен, туристички и економски развој на Ранковце.
Почитувани сограѓани,
Пред неполна една година ја побаравме вашата доверба.
Денес, ја оправдуваме со работа и резултати.
Зад нас е период во кој:
се инвестираше во патишта,
се изгради улична инфраструктура,
се подобри уличното осветлување,
се вложи во ТППЕ,
се поддржа комуналниот сектор,
се инвестираше во децата,
се сервисираа наследените обврски,
се исплатија тековните обврски,
се обезбедија средства од Владата,
се обезбедија средства од Светска банка,
и се привлече европско финансирање.
Но, најважно од сè:
Општина Ранковце продолжи да работи и да се развива.
Не тврдиме дека се решени сите проблеми.
Пред нас има уште многу работа.
Но денес имаме јасна насока, финансиска дисциплина, започнати проекти и обезбедени средства.
Ова не е крајот на една работа.
Ова е почеток на долгорочен развоен процес.
Резултатите се видливи.
А работата продолжува.
ЗА РАНКОВЦЕ.
ЗА СЕКОЈ ГРАЃАНИН.
ЗА ИДНИНАТА ШТО ЈА ГРАДИМЕ ЗАЕДНО.

