ВРЕДИ попладнево ја официјализираше кандидатурата на Јакуп Хусеини за градоначалник на Општина Брвеница на вонредните избори за градоначалник на оваа општина.
Изборите за градоначалник на Брвеница, собранискиот претседател Африм Гаши ги распиша за 18 октомври, а ќе се одржат откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина градоначалникот на оваа општина, Ивица Илиевски.
Од ВРЕДИ посочуваат дека со оваа кандидатура нудат кандидат со правна подготовка, професионално искуство и непосредно познавање на Општина Брвеница.
-Денес ја објавуваме кандидатурата на Јакуп Хусеини за градоначалник на Општина Брвеница. Јакуп Хусеини е магистер по правни науки и моментално работи како државен службеник во Општина Брвеница. Неговото професионално искуство и непосредната работа со жителите му овозможиле одблиску да ги запознае потребите, проблемите и предизвиците со кои се соочува општината – соопштуваат од ВРЕДИ за Хусеини.
Посочуваат дека Хусеини во текот на целиот свој професионален ангажман бил во служба на жителите и посветен на своите институционални одговорности.
-Нашата предност е јасна: не губиме време со приспособување. Јакуп Хусеини ја познава општината, администрацијата, процедурите и потребите на жителите. Затоа, уште од првиот ден може да биде во нивна служба и да започне со работа и конкретни одговорности. Со оваа кандидатура нудиме кандидат со правна подготовка, професионално искуство и непосредно познавање на Општина Брвеница. Од првиот ден, во служба на жителите на Брвеница – велат од ВРЕДИ за кандидатурата на Хусеини.
Демократската унија за интеграција на изборите за градоначалник на Општина Брвеница ќе настапи со кандидатот Аркин Јахији.

