– Јавното комунално претпријатие „Шар“ од Тетово информира преку соопштение дека е почнато со системско чистење и одржување на канализациската мрежа во сите градинки во градот, со цел подобрување на хигиенските услови и создавање поздрава и побезбедна средина за најмладите.
Екипите на претпријатието работат на чистење на шахтите, канализациските линии и одводниот систем, со цел да се отстранат насобраните нечистотии и да се овозможи нормално функционирање на мрежата.
– По повеќе од 30 години, канализациската мрежа во објектите и дворовите на градинките повторно е ставена во фокус на редовно и темелно одржување. Долгогодишната запоставеност не смее да биде причина проблемите да продолжат. Сегашното раководство на ЈКП „Шар“ одлучи тоа да се промени и активностите да започнат веднаш. Ова не е само прашање на функционалност на канализацијата. Редовно чистата и одржувана канализациска мрежа е важен дел од хигиената и здравата животна средина, особено во простори каде секојдневно престојуваат деца, соопштуваат од ЈКП „Шар“.
Од претпријатието наведуваат дека активностите на терен ќе се реализираат и во останатите градинки, со цел редовното одржување на канализациската инфраструктура да стане континуирана обврска, а не активност што се реализира само повремено.

