– Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски, денеска, во просториите на МВР оствариле средба со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во Скопје, Уктам Насиров, на која биле разгледани можностите за користење на експертските капацитети и искуството на УНОДЦ преку организирање јавни и стручни дебати, активности за подигнување на свеста за штетните последици од дрогата, како и размена на искуства и добри практики од други држави.
Како што соопшти МВР, средбата се одржала на иницијатива на министерот Тошковски со цел отворање дискусија за унапредување на досегашниот пристап во борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции, како и за можностите за поголема ефикасност и подобра координација меѓу надлежните институции.
– Посебно внимание беше посветено на можноста за унапредување на законската рамка и разгледување модели што се применуваат во други европски држави. Во тој контекст беше разговарано за пристап според кој, во зависност од видот и количината на пронајдената дрога и околностите на конкретниот случај, одредени дејства би добиле соодветен кривично-правен третман наместо да се третираат исклучиво како прекршоци. Истовремено, беше нагласена потребата од механизми што ќе овозможат соработка со правосудните органи, како и соодветен здравствен третман и поддршка за лицата со зависност – стои во соопштението на МВР.

Министрите Тошковски и Клековски ја истакнале потребата борбата против дрогата да се води со координиран пристап, во кој, покрај полициското и кривично-правното постапување, значајно место ќе имаат превенцијата, здравствената заштита и третманот на зависностите.
На средбата било разговарано и за поддршка на Националната опсерваторија за дроги и зависности, како и за натамошно продлабочување на соработката со Агенцијата за дроги на Европската Унија.
Иницијативата била позитивно прифатена од шефот на Канцеларијата на УНОДЦ во Скопје, Уктам Насиров, при што била изразена подготвеност за продолжување на разговорите, размена на експертски искуства и разгледување на најдобрите практики од регионот и пошироко.
Од Министерството додаваат дека заеднички било оценето дека справувањето со недозволената трговија со дрога бара истовремено силен институционален одговор кон криминалните структури, ефикасна превенција и соодветен здравствен пристап кон зависностите.

