Државниот архив на Македонија денеска промовира каталог со Брајово писмо – „Документи што зборуваат на допир“ – издание што го подготви во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје. Се работи за избор на најзначајни документи што се чуваат во депоата на Државниот архив и во неговите подрачни одделенија, при што под секој документ е дадена соодветна легенда на Брајово писмо.
Публикацијата опфаќа богат временски период почнувајќи од најстарите пишани траги, меѓу кои и Евангелието по св. апостол Лука од 12 век, продолжува низ старословенските и црковнословенските ракописи создадени на овие простори, документи од османлискиот период, делата на македонските просветители и од македонското револуционерно движење… За слепите и лицата со оштетен вид на Брајово писмо се достапни фундаментални државотворни документи, како Декларацијата на АСНОМ од 2 август 1944 за правата на граѓаните, како и од поновата историја, на пр., за приемот на нашата држава во Обединетите нации во 1993, одлуката за визна либерализација од 2009 година итн.
- Овој каталог со своите 63 страници ги претставува најзначајните документи, скици и географски карти приспособени на Брајовото писмо и на тој начин отвора една поинаква врата кон нашето културно и историско богатство. Секој од овие документи е дел од една голема приказна – за тоа кои сме, од каде доаѓаме и како сме ја граделе нашата држава и општество. И токму затоа е важно таа приказна да биде достапна за сите – истакна на промоцијата Димитар Богески, директор на Државниот архив.
Како што рече, кога зборуваме за Брајовото писмо, не зборуваме само за систем од точки и не зборуваме само за техника на читање и пишување.

– Зборуваме за можност на еден човек самостојно да прочита, да научи, да открие и да размислува. Зборуваме за клуч што ги отвора вратите на знаењето, независноста и достоинството. За лицата со оштетен вид, Брајовата азбука е многу повеќе од средство за читање. Таа е нивниот прозорец кон светот, нивниот пат до знаењето и мостот што ги поврзува со културата, науката и историјата. Крајната цел на овој значаен проект поддржан од Архивот е да се направи чекор кон општеството во кое никој нема да биде лишен од можноста да го запознае сопственото културно и историско наследство. Затоа што историјата им припаѓа на сите – нагласи Богески.
Каталогот на промоцијата го претстави Беира Салифоска, некогашна ученичка во „Димитар Влахов“ и прва во Македонија што дипломирала на Брајово писмо.
– Оваа книга не е само обично Брајово писмо. Оваа книга има и тактилни слики. Овие 63 страници се одлично избрани документи, кои се навистина многу важни за нас. За нас, за лицата со оштетен вид, Брајовото писмо значи самостојност, поддршка, значи независност, значи дека можеме и ние самите да истражуваме, да читаме и да научиме нешто многу подобро – рече Салифоска. Таа порача со ова издание да не претстанат овие иницијативи, туку да излегуваат што повеќе публикации достапни за слепите и слабовидните лица.
Според директорката на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, Александра Јаковчевска, публикацијата е доказ дека „кога институциите имаат визија, кога технологијата ќе се спои со знаење и човечки фактор, можеме вистински да ги поместиме границите на пристапноста“.
– Исклучително се гордеам што токму Државното училиште „Димитар Влахов“ е дел од создавањето на проектот „Документи што зборуваат на допир“. Нашата институција повеќе од седум децении работи со деца и младинци со оштетен вид, но денес нашата улога е многу поголема од она што традиционално го подразбираме под училиште. За една година, благодарение на Министерството за образование и наука, „Димитар Влахов“ прерасна во ресурсен центар – центар за знаење, искуство, технологија и стручност. Со тоа добивме и една многу поголема одговорност: нашето знаење и искуство да не останат само во рамките на нашите училници, туку да ги ставиме во служба на децата со оштетен вид во редовните училишта, да ги ставиме во служба на институциите и, конечно, да ги ставиме во служба на целото општество – посочи Јаковчевска.

Додаде и дека во изминатите две години направиле сериозен технолошки исчекор и благодарение на донатори и партнери обезбедиле современи Брајови печатачи, современи Брајови дисплеи, опрема за изработка на тактилни слики и друга современа асистивна технологија.
– Мојата најголема гордост не е опремата, мојата најголема гордост се моите колеги и мојот тим – луѓето кои со знаење, со трпение и огромна посветеност ја претвораат технологијата во можност; луѓето што знаат како визуелната информација да ја претворат во информација што може да се прочита со прстите; луѓето што секојдневно не зборуваат за инклузија, туку ја создаваат. И токму публикацијата „Документи што зборуваат на допир“ е резултат на таквата тимска работа – додаде директорката.
На настанот се обрати и министерката за образование и наука Весна Јаневска и ја поздрави реализацијата на оваа заедничка идеја на двете установи, која, рече, на овие лица им овозможува „да ги почувствуваат информациите содржани во автентичните документи и да ја доживеат историјата“.
– Инклузивното општество не се гради само со зборови. Се гради со конкретни чекори што ги отстрануваат бариерите и им овозможуваат на сите граѓани еднакво да учат, да се информираат, да истражуваат и да учествуваат. Овој каталог отстранува една таква бариера. На лицата со оштетен вид им овозможува еднаков пристап до историјата и националното наследство – истакна Јаневска.
Очекува во иднина да бидат објавени и други вакви публикации затоа што „документите не треба само да се чуваат“.
– Тие треба да живеат, да се читаат и да се истражуваат. А со оваа публикација тие денес почнуваат да зборуваат и на еден поинаков, но еднакво моќен начин – на допир – рече министерката за образованиe и наука.

