Од денеска на границите повторно се можни поголеми чекања и редици. Престануваат да важат привремените мерки за флексибилност при примената на новиот електронски систем за влез и излез во Европската Унија. Изминатиов период, земјите-членки имаа право привремено да го суспендираат земањето отпечатоци од прсти и скенирањето лица кога гужвите стануваа преголеми.
Туристичките агенции и авиокомпаниите предупредуваат дека укинувањето на овие олеснувања може брзо да го врати сообраќајниот хаос на граничните премини. Од друга страна, Европската комисија истакнува дека системот генерално функционирал добро во текот на летото и дека придобивките за безбедноста се очигледни.
Новите биометриски проверки значително го продолжуваат времето за обработка на патниците на пасошките контроли. Според податоците од авиоиндустријата, стандардната пасошка проверка што претходно траеше околу 20 секунди, сега под новиот електронски режим бара дури до 90 секунди по патник.

Статистиката покажува дека на големите аеродроми во Франкфурт, Минхен и Амстердам, времето за чекање веќе се удвои во споредба со минатата година. Во одделни европски сообраќајни центри, пак, во периодот на шпицот на гужвите се чека и по неколку часа.
