Околу 500 ученици од четврто до деветто одделение во ОУ „Киро Глигоров“ во скопската општина Центар две недели, односно девет работни дена ќе учат онлајн зашто во училиштето се приспособува простор за шест нови училници за да се воведе едносменска настава. Учениците до трето одделение во овој период настава ќе следат со физичко присуство.
-Се адаптира простор за шест нови училници, за во иднина децата да не одат во две туку во една смена, што е исклучително значајно. Работните обврски на изведувачот почнаа во август, интензивно се работи, и во викенди, за училниците да бидат готови за околу две недели односно за девет работни дена. Во тој период околу 500 ученици од четврто до деветто одделение ќе одат на онлајн настава и тоа не е никаков проблем затоа што бенефитот што ќе го има целото училиште е многу поголем од тие две недели онлајн настава, на која тие веќе и се навикнати. Тоа е генерација која во време на короната веќе имаше онлајн настава, изјави Јаневска.
Таа денеска од ова основно училиште во Капиштец упати пораки и желби за успешна учебна 2026-2027 година на сите ученици во државата.

ОУ „Киро Глигоров“ има 930 ученици, а првачиња 108. Бројот на првоодделенци таму е приближно колку и лани, секоја година се запишуваат по четири паралелки.
На новинарско прашање за намалениот број на првачиња од околу 3000 за разлика од лани, на ниво на држава, Јаневска одговори дека „демографијата е посебна наука и многу нешта треба да се направат во тој правец“, а дека во образованието се воведени многу мерки со кои се подобруваат условите за учење.
-Пред две години направивме три сликовници за од прво до трето одделение, со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“. Се надевам дека училиштата ги користат. Сè што правиме е многу сериозно – инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња, рече министерката.
