Реклама

Демографски аларм: Сè помалку ученици и студенти во Македонија

Со оптимизацијата, во Прилеп нема да биде затворено ниту едно училиште и сите наставници остануваат на работа

Берово преполно за Голема Богородица: Премиерот Мицкоски најави нови законски решенија и државна поддршка за развој на туризмот

Вештачка интелигенција наместо марихуана: Мицкоски порача дека Владата нема да се откаже од изградбата на национален дата-центар

Критикуваат секој ден, а бегаат од избори: СДСМ стравува од соочување со народот

Верниците ширум Македонија го слават големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“

Владата на Мицкоски со резултати кои го надминуваат 7-годишниот мандат на СДСМ и ДУИ

Нова гасна артерија: Македонија и Србија се поврзуваат со нов гасовод

Поевтин училишен прибор – се пазари со попуст од 15 отсто

Делчево под засилен надзор по серијата пожари – видеокамери и дронови на критичните места

Западнонилската треска се шири во регионот, Грција регистрира 232 случаи

Пет пожари и натаму активни, најкритично е кај Копаница

Македонија

Доделени наградите на 17. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“

Заврши 17-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Заврши 17-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое од 20 до 27 август се одржа со мото „Само сонот е стварност“ во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје. Доделувањето на наградите се одржа на 27 август во Куршумли ан.

Пред почетокот на церемонијата на доделување на наградите, Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“, истакна дека заврши едно од најуспешните изданија на фестивалот на кое седум од осумте вечери беа со распродадени билети за проекциите, а присуството на публиката овозможи сонот да стане стварност.

Автор на статуетките што се доделуваа на наградените автори е уметникот Глигор Кузмановски. Вечерта на доделувањето на наградите беше посветена на Влатко Милев – Циги, кој беше љубител на документарниот филм и пријател на „МакеДокс“.

Реклама

Фестивалот „МакеДокс“ доделува награди во пет категории: награда „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм, „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори/ки“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи. Членови на комисиите беа 15 признати домашни и странски филмски автори, продуценти и филмски критичари.

Во Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм на 17. „МакеДокс“ беа Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин, кои наградата ја доделија на филмот „Тристан засекогаш“ на авторите Тобијас Ноле и Лоран Бонардо.

Жирито едногласно смета дека „Тристан засекогаш“ емотивно го разоружува гледачот уште од самиот почеток, преку формално сензуален јазик на интимна едноставност. Филмот глатко ги балансира спротивставените сили меѓу соновните регистри на внатрешната психолошка изолација и надворешното чувство на припадност кон просторот.

Комисијата за Наградата за најдобри етички идеи беше во состав Хана Корнети, Олександра Калиниченко и Кристина Леловац, а наградата ја доби филмот „Од црвени фенери до рефлектори“ на Бипулџит Басу.

Наградата за филм со најдобри етички идеи е посебна затоа што фокусот се преместува од оваа страна на екранот на онаа страна од камерата – со други зборови, ова е награда заснована на начинот на кој филмот се однесува кон темата и кон луѓето чии животи ги прикажува.

„Нашите главни критериуми беа ненасилничкиот и неексплоататорскиот пристап, способноста на авторите да воспостават искрена поврзаност со својата тема, истовремено нудејќи храбар поглед кон едно актуелно општествено прашање, како и потенцијалот на филмот да создаде простор за нови наративи и толкувања на светот во кој живееме, а истовремено да поттикне поширока поддршка од заедницата за неговите учесници и надвор од екранот. Селекцијата беше исклучително впечатлива. Секој филм обработуваше нешто што денес се чувствува како суштинско: правата на жените, империјализмот и колонијализмот, заедницата и заедничкото живеење, емпатијата, суровата меланхолија на постоењето и повторното присвојување на сопствената историја. Филмовите беа прекрасни, храбри и инвентивни, а тоа ја направи нашата одлука нималку лесна. На крајот, нè привлекоа филмовите чија грижа се протега надвор од киносалите и кои се оддалечуваат од наративот за еден единствен херој, охрабрувајќи ја самата заедница да стане протагонист“, стои во образложението на жирито.

Посебно признание на наградата за најдобри етички идеи доби „Земјата Кикују“ на Беа Вангондју и Ендру Браун, со образложение: „Ова е нежна и великодушна приказна за заедница која станала сидро за сите членови. Филмот пристапува кон тешките теми користејќи ја формата на филм во филм, давајќи им на учесниците простор да го заштитат она што е приватно, наместо да се бара од нив да ги откриваат своите најболни искуства поради сензационализам. Филмот нè потсетува дека луѓето се важни, уметноста е важна, и дека филмовите се важни. Пред сè, им овозможува на учесниците одново да ја преземат в раце својата приказна, наместо таа да биде обликувана од западниот светоглед и доминантниот дискурс, кој ретко им дозволува на сексуалните работници да се претстават низ идентитет што оди подалеку од статусот на жртва. Посебното признание му се доделува на филмот ‘Земјата Кикују’ за храброто и искрено соочување со болните поглавја од историјата и за прецизното именување на угнетувачите – и минатите и сегашните, и домородните и (пост)колонијалните. Филмот се потпира на надежта дека вистината може да ослободи, дури и кога е опасна или болна, и дека чудовиштата што го јадат светот не се само метафорични: тие имаат лица и имиња – и баш затоа борбата за правда мора да продолжи.“

За наградата „Млад кромид“ одлучуваше комисијата во состав Марго Мека, Муртада Елфадл и Матјаж Иванишин, кои наградата за категоријата „Нови автори“ ја доделија на филмот „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим за „храбрата и возбудлива употреба на сите елементи на филмскиот јазик и естетиката, за начинот на кој работи со времето, додавајќи контекстуален ритам на својот наратив, како и за прекрасната и живописна кинематографија. И, конечно, затоа што станува збор за режисер чиј следен филм со нетрпение го очекуваме.“

Жирито му додели посебно признание на филмот „Имаго“ на Дени Умар Пицаев. „Суптилен филм кој со прецизност и емпатија прикажува мошне лична и емотивна приказна, кон сите нејзини протагонисти, без оглед на нивните разлики. Бевме восхитени од начинот на кој режисерот создава отворен простор во кој зборовите и разговорот имаат тежина и значење“, образложи жирито.

За наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм одлучуваше комисијата во состав Стојан Синадинов, Џони Костантино и Марина Д. Рихтер, а наградата ја доби „Роење птици“ на Ксавиер Марадес со образложение: „Додека јато од илјадници сколовранци, менувајќи ја формата, хистерично лета над покривите на неговиот роден град, мислите на режисерот летаат кон други места и времиња што го оформиле, како и кон изворот на инспирација за неговата интимна приказна која ги надминува автобиографските рамки. Аудиовизуелно прецизно усогласениот наратив на филмот е слоевит, ненаметлив, а сепак срдечен во емоциите што ги изразува. Филмот плени со својата искреност и остроумно поврзува навидум неповрзани култури и колективни сеќавања на две малцинства, без притоа да го изгуби фокусот. Гледачите се вовлечени во јатото од идеи и мисли преку нежната, поетска кореографија на режисерот.“

Посебното признание на наградата „Сечкан кромид“ му беше доделено на „Отворено поле“ на Тебохо Едкинс за моќта со која се обработуваат и соочуваат личната загуба и болка – преку лично учество, водено со умерена режија – во филм кој отвора драгоцени погледи кон универзалното споделување, прелевајќи се во ритуал на колективна грижа наспроти цинизмот на економската моќ.

За наградата „Кокарче“ одлучуваше комисијата во состав Томасо Пријанте, Милагрос Тавара Естела и Радован Петровиќ, кое одлучи наградата да ја добие студентскиот филм „Здраво ново тело, како си денес?“ на Лаура Канси за „храброста да се прикаже себеси искрено и нежно, откривајќи ја кревкоста на телото, интимноста на една врска и убавината што се наоѓа во секојдневните моменти.“

По доделувањето на наградите во филмската програма во Куршумли ан беа прикажани краткиот документарен филм „Слет 1988“ на Марта Попивода и „Југо оди во Америка“ на Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, а во музичкиот дел на ноќната програма концерт одржа групата „Алембик“, која го изведе својот нов албум „Без никого да удриш“.