Македонското село Смилево, родното место на Даме Груев и центар на Смилевскиот конгрес, било запалено на 28 август за време на Илинденското востание во 1903 година, но, големите борби за селото не се одвивале само тој ден, туку почнале неколку дена преходно – на 25 август. Турските сили го опколиле селото, и по неколкудневни борби, Смилево на 28 август било целосно запалено од Турците. На 25 август бил почетокот на офанзивата, на 26 и 27 бил скршен отпорот, а на 28 август бил зададен конечниот удар. Овој настан се смета за еден од најтрагичните моменти од Илинденското востание, при што страдале и цивили, вклучително и деца. Борбата до последен здив и отпорот за одбрана на Смилево се симбол на жртвата на македонскиот народ за своја самостојна држава. Даме Груев, кој учествувал во битките со неколкукратко побројниот и поопремениот непријател, по загубата само кусо рекол „веќе ништо не може да се спаси, но честа ја спасивме – се биевме!“.
Зошто Смилево било запалено? Тоа било симбол на македонскиот отпор. Според историските извори, постојат неколку причини, меѓу кои дека селото било центар на македонската револуционерна активност, со присуство на војводи, оружје и бомбашка работилница. По започнувањето на востанието, турските сили започнале со сурови репресии врз селата што учествувале или ги поддржувале востаниците. Палењето на Смилево било обид да се уништат моралот и организациската основа на Македонската револуционерна борба (МРО), бидејќи селото било родно место на Даме Груев и симбол на македонската борба. Смилево останува запаметено како симбол на жртвата и македонскиот отпор.

Почеток на нападите

Помали напади почнале веднаш по Илинденското востание на 2 август. На 3 август била борбата кај Ѓавато. Веднаш по прогласувањето на востанието, неколку илјади аскери тргнале во напад со цел да го пресечат патот и да го опколат востаничкото јадро во Смилево. Македонските востаници (околу 150 души), предводени од реонскиот началник Ѓорѓи Сугарев, ги пречекале кај селото Ѓавато. Со оваа клучна битка тие го задржале напредокот на војската и успешно ја заштитиле востаничката територија околу Смилево во тие први денови. На 5 август била првата битка за Смислево. Османлиските сили се обиделе директно да го нападнат селото. Благодарение на планинскиот терен, густите шуми и одличната организација на Даме Груев, локалните востанички одреди извојувале голема победа. Турските сили претрпеле сериозни загуби и биле принудени да се повлечат, поради што војската подоцна го нарекла овој реон „Железна тврдина“.
По неуспешните обиди во првата недела од август, турската команда сфатила дека Смилево не може да се заземе лесно со помали воени формации. Тие решиле тактички да се повлечат за да ги прегрупираат силите од целиот Битолски вилает, да ја скршат одбраната на други места (како Крушевската Република околу 13 август), како и да подготват огромна војска (од десеткратно поголем размер) за дефинитивно да го задушат центарот на Главниот штаб. Затоа, иако Смилево живеело во релативна слобода речиси три недели, воените дејствија околу него започнале уште од самиот почеток на Илинден.
Големата офанзина на турската војска за освојување на Смилево
Големата османлиска офанзива во востаничката област во реонот Ѓавато ‐ Смилево започнала на 25 август 1903 година. Тогаш 10 баталјони и други придружни единици во јачина од 12.000 војници под команда на Бахтијар‐паша, од Битола, Ресен, Охрид и од Прибилци (Демирхисарско) тргнале кон Ѓавато ‐ Смилево.
Истиот ден битолската колона го скршила востаничкиот отпор кај Ѓавато. Тамошните востаници, под водство на Ѓорѓи Сугарев, Ѓакон Евстатиј, Пере Жебчев, Георги Мончев и Антон Стерјов, се повлекле кон Смилево. Притоа, од османлиската артилерија и пешадија особено настрадале селата Цапари и Ѓавато, кое целосно изгорело. Неборечкото население од Ѓавато се повлекло во збегот Голем Гар, присоединувајќи се кон смилевчани.
Следниот ден, 26 август, османлиските сили продолжиле со затворање на обрачот околу Смилево. Во тоа време во Смилево и неговата околина бројот на востаниците достигнал околу 600 души.
Под раководство на Даме Груев, тие се распоредиле на стратешките позиции околу Смилево. Очигледно, Груев при
одбраната на Смилево бил решен на силен отпор иако исходот бил однапред познат. Ноќта минала напнато и во неизвесно исчекување, пишува универзитетскиот професор и историчар Ванчо Ѓорѓиев во својата книга „Подземната Република, Дамјан Груев и македонското револуционерно движење“.
Утрото на 27 август, ден пред празникот Св. Богородица, османлиските сили со силна артилериска подготовка од правецот на Горановец го започнале нападот на Смилево. За петнаесетина минути Турците минале во општ напад по сите линии на фронтот. Обрачот околу Смилево бавно но сигурно се затворал од сите страни. Востаничката одбрана на целиот фронт била под раководство на Даме Груев и Ѓорѓи Сугарев. Во претпладневните часови востаниците пружале жилав отпор на сите позиции.
Попладне, востаничките позиции почнале да паѓаат една по друга. Четите на Сугарев, Ѓакон Евстатиј, Павле Крстев, Даме
Мисков и други војводи, кои дејствувале северно од Смилево, биле принудени на отстапување со значајни загуби. Со падот на одбраната кај манастирот „Св. Петар“ паднале и востаничките позиции кај Гробот, Горановац и Арамиски Камен.
Одбраната на Смилево била сериозно разнишана. По падот на позицијата кај Арамиски Камен, една воена колона се насочила кон збегот Голем Гар, каде што извршила жесток масакр врз неборечко население од жени, деца и старци. Притоа биле масакрирани 56 лица од двата пола на различна возраст, од тринеделни бебиња до 80‐годишни старци. Истовремено, многумина биле ранети, обесчестени и опљачкани.
Во меѓувреме, непосредно пред селото, под директна команда на Даме Груев се бореле смилевските чети на војводите
Дамјан Наумов, Димитар Кромидаровски, Пере Жебчев и Глигор Попов. Под жестокиот налет на војската, тие се повлекле во Смилево. Веднаш по нив аскерот навлегол во Долно Маало. Во таква ситуација, Даме Груев, кој дотогаш инсистирал на штедење на силите, предложил да се утврдат средсело во училиштето и од таму да се брани тоа што очигледно веќе не можело да се брани.
Долниот дел од селото веќе бил во пламен. Според Даме Груев, до попладневните часови паднале 32‐33 востаници. Селските војводи, согледувајќи ја безизлезната ситуација и бесмисленоста на таквата борба, се спротивставиле на Груевиот предлог. Во тој момент една топовска граната го погодила училиштето. Тоа ја разрешило дилемата. Груев дал заповед за повлекување кон Горно Маало, а од таму – кон гората. Притоа истакнал дека „веќе ништо не може да се спаси, но честа ја спасивме – се биевме!“.
Според него, од Ново Смилево биле масакрирани 37 лица, од Старо Смилево 8 лица и од с. Ѓавато 11 лица или вкупно 56 лица. Во приложените списоци се наведени името и презимето на жртвата и нејзината возраст.
Приквечерта пламнало целото село. Во пресрет на празникот Света Богородица, Смилево горело по вторпат. Затекнатите старци во селото биле убиени до еден. Според еден турски извештај, тогаш во Старо Смилево биле изгорени сите седум куќи, а во Ново Смилево од 410 биле изгорени 400 куќи. Валијата Хазим-паша, за да го прикрие палењето на Смилево од страна на војските, во извештајот од 31 август 1903 година до канцеларијата на големиот везир комично пишува: „За време на судирот во Смилево…, од страна на разбојниците била запалена една куќа која служела како складиште. Поради активирањето на бомбите и муницијата, поради силното дување на ветрот и бидејќи куќите биле збиени, селото изгорело“.

„Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ се познатите зборови на Груев, но случувањата во Македонија покажале дека ужасот нема крај
Вечерта Даме Груев, заедно со смилевските чети, се прибрал во збегот Голем Гар. Глетката била страшна. Груев зад себе го имал Смилево во пламен, околу себе масакрирани трупови, ранети старци, жени и деца, избезумени жени и деца во плач. Овие сцени во наредниот период станале секојдневие по македонските села во Битолскиот Округ. Во збегот Голем Гар, Груев се соочил со суровата реалност и со епилогот од сопствената изрека: „Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“.
-Навистина, крајот бил ужасен, меѓутоа историјата на Македонија потврдила дека ужасот нема крај – пишува проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев во својата книга.
Груев им објаснил на селаните дека четите преку ноќ ќе го напуштат збегот за да ги избегнат турските потери, а со тоа и нов масакр врз населението. Истовремено, Груев на селаните им препорачал да се вратат во изгореното село и да ѝ се предадат на власта. Веднаш потоа здружените чети, со помош на вештите курири, пробивајќи се покрај турските логори и стражи се извлекле од обрачот кон блиските гори. Утредента смилевчани се вратиле во селото и ѝ се предале на власта.
Таму, покрај пепелиштата од изгорените куќи, никнале колиби во кои започнал нов живот, додека еден дел од смилевчани заминале за Битола.
Според рускиот вицеконзул Н. Кохмански кон Битола се упатиле околу 500 смилевчани. Притоа, Хилми‐паша отпрвин не им дозволувал да се сместат во градот под изговор дека не сакал „да го зголемува опасниот елемент во градот“. Нивното сместување во градот било условено со предавање на мажите кои останале со востаниците. По интервенција на Кохмански, а веројатно и другите конзули, по три дена поминати под ведро небо, смилевските жени и деца биле пуштени во Битола.
По неколку дена, османлиските војски го напуштиле селото Смилево и заминале во слични потфати кон Демирхисарско.
Сведоштво на Даме Груев за битката за Смилево
Детали за овие тешки битки може да се најдат и во делот од „Спомените“ на Дамјан (Даме) Груев посветен наИлинденското востание во 1903 година, во кој тој ги опишува настаните и страдањето на селото по нападот на османлиската војска. Во текстот тој директно ги споменува и другите истакнати востанички водачи како Борис Сарафов и Ѓорѓи Сугарев.
– До 14 август бевме спокојни. Сарафов се оддели и отиде во Демирхисарско. На 14 август дојдоа 9 табура војска по 600 до 800. Се биевме цел ден, насекаде зазедовме позиции. Раководевме јас и Сугарев. Турците извршија напад со артилерија. До 10 часот попладне (сиреч 4.) паднаа 32-33 комити. Имаше загинати и Турци. Потем јузбашијата (бинбашијата) кажувал оти загинале стотина. Тогаш почна повлекувањето на четите. Дел од нив останавме во шумата над селото. Јас бев таму Сугарев отиде во Ресенско. Пред да се смрачи Турците влегоа во селото, околу 12 часот. Но еден дел од аскерот беше влегол во селото уште на пладне. Веднаш фати да ги палат куќите. До вечерта пламна сето село. Сето население беше во шумата, еден дел од четите. Турците наоколу веќе ги опколија четите. Во селото останаа само неколкумина старци, немоќни, што ги потепаа. И во збегот (логорот) во шумата беа убиени околу 40 од двата пола, што на поотворени места беа погодени од куршуми. Самите тие, од страв, се изложиле на отворено. Во текот на ноќта еден број од мажите се пробивме низ турскиот обрач во планината и поминавме во соседната шума. Жените, децата и старците останаа во шумата под селото. Утредента им побараа теслим на семејствата и тие се прибраа во селото. При предавањето немаше насилства. Првиот ден некои жени со деца, довтасани, биле натепани, па и силувани. Селаните влегоа во селото што беше изгорено. Војската остана на вишнатините околу селото уште три дена. Војската го продолжи својот пат натаму по билото на Бигла и се најде во Демир Хисар. Ние се вративме назад, во Смилевско. Ноќно време слегувавме и во селото. Имавме прибрано храна и облека во шумата, па тоа не спаси. Околу 50 семејства останаа сосема без облека.
По капитулацијата поголем број од двата пола (околу 300 мажи), со исклучок на вооружените востаници, се прибраа во Битола. Не сакале да ги пуштат во градот, но тие најпосле успеале да влезат. Таму се сместиле делумно и во свои куќи. Во текот на септември се собравме сите – и Лозанчев и Борис – во селото, каде пак дојде војска. Ние излеговме горе на билото на планината; бевме 150-160 – мина, зазедовме позиции за борба. Забележавме дека и од други две страни надоаѓаат војски. Ние се концентриравме во центарот. Се отвори оган од крилата. Крилата отстапија. Центарот по неколку истрела повторно отстапува кон гората. Со десното крило, каде беа селаните се разгоре битка; загинаа четворица наши. Борбата траеше до 3-4 часот попладне. Во текот на ноќта војските се распоредија долу, во котлината, а дел од нив горе, по билото. Од четите дел од нив заминаа накај Горни Демир Хисар, а ние се вративме во Смилевско (борбата се одвиваше на боишкоцеровскиот синор). Војската го продолжи патот за Горни Демир Хисар. Сарафов беше со мене. Тогаш се разделивме. Јас предложив да отидам во Леринско, но и тој го сакаше истото тоа. Борис се искажа дека е решен да си замине во Бугарија и се упати преку Преспанско-Леринско. Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други, пишува Груев во „Спомените“.
Тој додава дека по заминувањето на Сарафов, стапило во сила општото решение за запирање на борбените дејства.
– Складиравме околу 400 пушки. Отидов да ги надгледам другите реони, сите во Битолско. Помошните мисии на Англичаните донесоа малу утеха и успокојување. Од друга страна гласовите за реформите не охрабрија донекаде, вели Дамјан Даме Груев во „Спомените“.

