Чествувањето на 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележа и во главниот град. Во Скопје, свое поздравно обраќање имаше претседателката Гордана Силјановска Давкова. Таа на македонскиот плоштад, пред споменикот на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто во присуство меѓу другите и на семејството на Ченто, порача дека македонските политичари сега и во иднина треба да ги продолжат заложбите на илинденците и асномците.
Навраќајќи се на ликот и делото на Ченто, претседателката порача дека АСНОМ не е случаен настан, туку длабоко осмислен демократски државотворен чин.
Асномските документи биле многу поблиски до западните демократски традиции, а а не до источната комунистичка доктрина.

Таа додава дека токму на основа на сеќавањата на АСНОМ, кога ова тело се воспоставило како врховно законодавно и извршно тело, а македонскиот јазик како службен јазик во државата, како и декларацијата за основните права на сите граѓани, Македонија излегува на референдум и добива независност на 8 септември 1991 година.
Силјановска Давкова вели дека токму затоа слободата не била подарена, туку народот сам се ослободил.
Претседателката додава дека токму поради Илинден, АСНОМ и референдумот, на никој не му должиме за тешко изборената држава и затоа никој нема право да ја ревидира нашата национална историја.
Осврнувајќи се на документите донесени на првото заседание на АСНОМ, претседателката вели дека уште тогаш била донесена Декларација за заштита на основните права на граѓаните на демократска Македонија.
Споредувајќи ја оваа одлука со денешниот контекст, таа вели дека Македонија е држава која се гордее со почитување на правата на сите малцинства и додава без разлика дали тие се или не се споменати во Прееамбулата на Уставот.
Во време кога се повеќе млади се иселуваат од државата, Силјановска Давкова вели должност на сите е да се бориме против корупцијата, организираниот криминал, но и загадувањето.
Порача дека треба да се води мудра надворешна политика, државата да се јакне со помирување, и заврши со зборовите на Ченто дека она што е остварено, тоа што народот ни го дал, ние треба да го оствариме за вечни времиња.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова им оддаде почит на илинденците и асномците преку положување свежо цвеќе на споменикот на Никола Карев пред Собранието, споменикот АСНОМ спроти законодавниот дом и споменикот на Методија Андонов Ченто на градскиот плоштад. Цвеќе пред трите споменика положи и делегацијата на собранието предводена од потпретседателката Весна Бендевска, претставници на дипломатскиот кор, армијата, Сојузот на борци, како и семејството на Ченто.
