„Востанието е моќно средство на Организацијата, но само додека тоа е идеал кон којшто се стремиме. Бев убеден дека, ако тоа сега стане „реалност“, веднаш по востанието ќе се појави разочарување. И навистина така излезе. Оваа програма сакавме јас и Делчев да ја разгласиме внатре (во Македонија) и не верувавме дека „гарвановци“ ќе успеат. Но Гарванов, кога дојде овде, со Матов, Татарчев и нивните приврзаници тајно се советувале без нас и испратиле противписмо, потпишано од Матов и Татарчев, како мислење на сите овде, со исклучок само на некои, така што во Солун го премолчиле нашето писмо и ја продолжиле својата агитација. Планирале востанието да биде рано напролет, потоа на Ѓурѓовден, потоа на денот на светите Кирил и Методиј, а најпосле на Смилевскиот конгрес го определиле за 20 јули – на Илинден. Тие веќе ја беа поделиле земјата на воени окрузи за потребите на востанието. Груев веќе одобрил сѐ, а Гарванов и Думев дошле со негово знаење. Во нацрт веќе биле определени и главните команданти на борбените окрузи“ – пишува Ѓорче Петров за Илинеднското востание и внатрешната борба во ВМРО „за“ и „против“ масовното востание во своите „Спомени“.
Ѓорче бил еден од мнозината македонски револуционери кои, делејќи го ставот на Гоце Делчев, во 1903 година биле против масовно востание во тој миг, а за партизански начин на делување, наспроти ставовите на повеќето од тогашниот Централен комитет, предводен од Иван Гарванов, како и Христо Матов и Христо Татарчев – предводниците на Задграничното претставништво на ТМОРО, кои биле на иста линија со Гарванов. Копјата на Солунскиот конгрес (15. – 17 јануари, нов стил) и Советувањето во Софија се кршеле околу идејата за општо и сеопфатно востание од една страна, и од друга – замислата за постепено градење отпор против власта преку поединечни, но чести вооружени напади и потфати од најразличен вид.
Во тој контекст, Ѓорче Петров во „Спомените“ ги опишува збиднувањата во јануари и февруари 1903-та, но и потоа, аргументирајќи дека Организацијата и населението сѐ уште не биле доволно подготвени за Илинденското востание. Според него, веднаш после Советувањето – свикано од Матов и Татарчев, каде што Ѓорче одржал шестчасовен говор против општо востание, Гарванов и Велко Думев дошле со задача да ги разубедат. Делчев останал против востанието, а Пере Тошев избегнувал да даде согласност, односно, фактички се прогласил за воздржан, оти „не бил доволно просветлен“ по тие прашања, како што пренесува историчарот Ванчо Ѓорѓиев во „Подземна република“.

Ѓорче сметал дека наместо веднаш да се прогласи општо востание, требало постепено да се премине од пасивна кон поактивна борба. Тој предлагал четите и градските организации да добијат поголема слобода за околните акции против отоманските власти, со што борците би стекнале искуство, а населението би се подготвило за идна голема пресметка. Според него, таквата долготрајна, постојано засилувачка борба би била поделотворна отколку едно прерано сеопфатно востание.
И покрај овие аргументи, во ЦК продолжиле подготовките за востание.
На Смилевскиот конгрес (2. – 7 мај 1903) било решено востанието да се крене на Илинден (20 јули по стар стил, или 2 август по новиот календар). Претходно, Дамјан Груев се вратил од заточеништво непосредно пред Велигден, и во Солун разбрал дека одлуката за востание е донесена и не може да се промени – следело само утврдувањето на датумот. Потоа учествувал на Смилевскиот конгрес.
„На Конгресот ја прикажав положбата онаква каква што е – сметав за безумно да се премолчува дека некои реони воопшто не се подготвени, и дека нема да земат учество. Со (Борис, н.з.) Сарафов првпат се сретнав во Смилево дома кај мене. На Конгресот Сарафов категорично беше за акции. Имаше мислење и порано да се почне со востанието. Не верувавме дека Турците ќе се решат да прибегнат до толкава жестокост – сосем да го ништат населението. Сарафов во доверба кажуваше дека некој министер рекол оти ако бидеме во состојба да задржиме 60.000 турска војска, Бугарија ќе се замешала. И јас најпосле допуштив дека може да дојде до тоа. Конгресот ме избра за член на Генералштабот на битолскиот вилает, заедно со Сарафов и (Анастас) Лозанчев“ – вели Даме во своите „Спомени“.

Петров наведува дека Делчев, разочаран од развојот на настаните и од односите во раководството, сред Конгрес заминал во Серскиот револуционерен округ со надеж дека ќе влијае врз состојбата, но токму таму бил убиен, кај Баница. Ѓорче претпоставува дека движењето на Делчев било откриено преку шпионска мрежа поврзана со Солун, т.e. со ЦК на Гарванов. Но, претходно Гоце се сретнал со Даме во Солун.
„Делчев тргна со силна желба да го види Груев, да размени мисли со него; кај него сè уште постоеше надежта, но замина загрижен за Организацијата. Тој стигнал во Солун. Оние лукаво го оставиле насамо со Даме, кој 2 – 3 дена го држел во една соба кај себе и се мачел да му го разбие убедувањето против востанието. Даме успеал со тоа само да му го нанесе последниот удар на разочарување, како што самиот му се исповедал на Пере (Пејо) Јаворов и на други, со кои потоа се сретнал во Серско. Тој дух на очај се гледа и во едно писмо до мене, во коешто ми вели дека ништо не може да се направи и дека оди во Серско „за да си ја положи главата“. Во Солун му ја беа довериле задачата да ги убеди другарите во Серско за востание и да ги организира таму. Делчев наредил да се свикаат на конгрес војводите. Јане Сандански испратил чета да го пречека во Серското Поле и да го одведе во планината“ – пренесува Ѓорче.
По смртта на Делчев, и Ѓорче и Даме заклучуваат дека одлуката за востание веќе не можела да се промени. Востанието веќе било неизбежно, па се посветиле на организирањето и вооружувањето чети за борбата што претстоела.
ВОСТАНИЧКА МАКЕДОНИЈА
Следи приказ на Македонија во времето на Илинденското востание низ очите на Ѓорче Петров и Дамјан Груев, односно споредба меѓу востаничките жаришта и местата незафатени од вооружените пресметки.
На Илинден, Петров тргнал од Софија кон Ќустендил, каде што веќе го чекала неговата чета составена од околу 140 луѓе, претежно од западните македонски краишта. Преминувањето на бугарско-отоманската граница било исклучително тешко. Османлиските власти однапред дознале за неговото движење, а и бугарските власти добиле наредба да му ја разоружат четата. Благодарение на договорот со граничниот офицер и на постојаното менување на правецот на движење, четата ги избегнала и бугарските и османлиските заседи и по неколкудневни напори успеала да навлезе на Македонија.

Минувајќи низ Кратовско, Кумановско и Скопско, Ѓорче внимателно избегнувал судири со турскиот аскер, бидејќи негова главна цел била да стигне до Битолскиот револуционерен округ. Од селата добивал помош во храна и водичи, но истовремено се уверил дека населението источно од Вардар не е подготвено за востание. Луѓето очекувале оружје од Бугарија, а организацијата таму, според него, била слабо развиена и главно служела за пречек и испраќање чети.
Од „Спомените“ на Ѓорче се добива впечаток дека иако низ ова подрачје минувале многу чети, не успеале да изградат цврста организација и мрежа, ниту да го обучат, ни вооружат населението. Ова уште повеќе го зацврстило уверувањето дека востанието било кренато на погрешен начин и без неопходната подготовка.
По многу ризици, четата успешно го преминала Вардар кај Велес. Тука Петров почувствувал дека влегол во подобро организирана револуционерна средина, бидејќи мештаните ги пречекале и им помогнале без да бараат надомест. Сепак, бил разочаран што и во Велешко не видел вистинско востаничко движење, туку мирна состојба и – недостиг од оружје, иако во Западна Македонија востанието веќе било прогласено.
Кон Прилепско, Петров забележал дека населението западно од Вардар покажува поинаков револуционерен дух, но и таму не нашол масовно население на штрек. Во селото Степанци се сретнал со четата на Петар Ацев, каде што дознал повеќе за состојбата на востанието. Наместо сликата што ја замислувал – општ вооружен судир, пред себе видел тивок предел и востаничко расположение што не се развивало онака како што очекувал.
Во Прилепско, иако не затекнал масовно востание, Петров бил охрабрен од борбениот дух и националната свест на населението. Таму првпат по долгиот пат се почувствувал меѓу свои луѓе, се сретнал со роднини и почнал да размислува како да ги искористи силите и материјалот што ги донел за да организира нови акции. И покрај разочарувањето од текот на востанието, сѐ уште се надевал дека може да се направи нешто во Прилепско.

„Се најадовме убаво. Имаше стада во близина. По 20-дневно патување, првпат убаво се одморивме… Се сретнавме со прилепската чета на Петар Ацев, којашто беше тргнала да нѐ пречека. Со себе имав многу четници од Западна Македонија (Дебар, Кичевско, Демирхисарско). Таму сите се разделија од мене и преку Азот тргнаа кон своите родни места. Јас останав со околу 45 – 46 души и се движев заедно со прилепската чета. Во Степанци ги добив првите вести за состојбата во востанатиот крај и разбрав дека работата не е толку восхитувачка, како што си ја замислував. Си претставував дека линијата меѓу Прилеп и Велес е границата, дека на запад има магла, крв и војна. Кога тргнав од Степанци, прилепското поле ми се виде јасно и тивко. Ми беше мило што го гледам родниот крај, но од друга страна ми беше тешко поради разочарувањето. Од Степанци заминавме за селото Ореховец – над самиот Прилеп, таму ни беше патот. Се сместивме по куќи, поделени на групи, нѐ пречекаа добро. Во Прилепско не најдовме востанато население, но борбениот дух беше доста разбуден, имаше напредната свест и речиси целосна бестрашност. Луѓето сѐ уште не ја беа изгубиле надежта дека ќе може нешто да се направи. И јас се хранев со надеж дека ќе може да направиме обид да се соберат млади луѓе – поактивните сили во градот. Носев многу материјали и мислев дека ќе може да направиме нешто во Прилепско“ – раскажува Ѓорче.
Во меѓувреме, пред да се разгори востанието во Битолскиот вилает, Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев ги обиколиле Охридско, Демирхисарско, Костурско. Кога го прогласиле востанието, тројцата раководители на востаничкиот Главен штаб биле во Смилево, а началник на тој реон бил Ѓорѓи Сугарев. Следела првата битка за Смилево.

„Битката заврши неуспешно за нас. Ние се наоѓавме во планината. Слегнавме, им се приклучивме на селаните, бевме сè на сè до 200 души. Турците се беа утврдиле во училиштето, што беше камена зграда, така што ништо не можеше да се стори. Престрелката продолжи цела ноќ. Во текот на ноќта запаливме една просторија, во којашто тие имаа склад со патрони и др., внатре имаше и аскер, та некои изгореа живи. Се обидовме со динамит да ги кренеме другите згради, но не успеавме. Утредента, на 21 јули, попладнето пристигна на помош друг аскер. Ние дадовме заповед за повлекување на нашата претходница пред селото, селската чета, што беше распоредена таму, не го беше добила тоа известување. А пак, друга чета го пречекува аскерот – паѓаат десетина Турци и еден јузбашија, а од нашите – еден комита. Четата беше на Стојан Донски, тоа беше смилевската чета. Кога четата отстапила, аскерот се доближува до четата што беше претходница; оваа отвора оган, убива 2-3 Турци… На третиот ден аскерот непречено влегува во селото, ги ослободува своите другари Турци и тогаш запалува 30 куќи. Сите селани беа незадоволни од тоа отстапување, што беше заповедано од штабот. Селаните, кога го видоа чадот од запалените куќи, почнуваат да се приближуваат кон селото. Турската војска помислила дека ќе биде нападната од нив, се втурнува во бегство, оставајќи торби и други работи, а селаните влетуваат и го згаснуваат огнот“ – подвлекува Груев.
На 14 август Турците се вратиле со артилерија. Паднале околу 33 комити. Тогаш почнало повлекувањето на четите, па Турците веќе го опколиле селото. Ноќта востаниците се пробиле низ турскиот обрач во планината.
„При предавањето немало насилства. Но, првиот ден некои жени со деца, штотуку стасани дома, биле натепани, па и силувани. Селаните влегоа во селото што беше изгорено. Војската остана на височинките околу селото уште три дена. Имавме прибрани храна и облека во шумата, па тоа се спаси. Околу 50 семејства останаа сосем без облека. По капитулацијата поголем број (околу 300 мажи) со исклучок на вооружените востаници, се прибраа во Битола. Не сакале да ги пуштат во градот, но тие најпосле успеале да влезат. Таму се сместиле делумно и во свои куќи. Потем во текот на септември се собравме сите – и Лозанчев и Сарафов, во селото, каде што пак дојде војска. Ние излеговме горе на планината; бевме 150-160 мина, зазедовме позиции за борба. Забележавме дека и од други две страни надоаѓаат војски. Ние се концентриравме во центарот. Се отвори оган од крилата. Крилата отстапија. Центарот по неколку истрела повторно отстапува кон гората“ – продолжува Груев.
ПРОПАСТА НА ВОСТАНИЕТО
Борис Сарафов во тие мигови искажал решеност да замине во Бугарија и се упатил преку Преспанско-леринската Околија.
„Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други. По заминувањето на Сарафов, стапи во сила општото решение за запирање на борбените дејствија. Складиравме околу 400 пушки. Отидов да ги надгледувам другите реони, сите во Битолско. Помошните мисии на Англичаните донесоа малку утеха и успокојување. Од друга страна, гласовите за реформите (во отоманската држава) нѐ охрабрија донекаде“ – се потсетува Груев.
При својот престој во Прилепско, Ѓорче Петров се сретнал и со Пере Тошев, па заедно заклучиле дека Организацијата не е подготвена за вистинско востание, иако населението сѐ уште се надева на надворешна помош.

„Самиот Пере ми ја опиша состојбата, дека целата работа е несериозна, и останавме таму; заедно одевме и скитавме по селата. Положбата беше едноставно безизлезна и не знаевме што да правиме. Ги толкувавме причините за тоа и ги најдовме кај Даме, кај Лозанчев и др. Момчињата се обесхрабрија. Се обидов преку војводата Петар Ацев да собереме една горска сила, која да ја кренеме, за барем да изгледа како да има востание. Но излезе дека околиската организација е едноставно разнебитена; не се знаеше каде и колку оружје имаат, не можеа да вооружат ни 70 души. Во градот испратив луѓе од мојата чета да испитаат дали може да се изведе некаква акција во градот; со таа цел го натерав и војводата Петар Ацев да влезе во Прилеп и да организира некаква акција во градот“ – додаде Ѓорче.
И обидите со Петар Ацев да се собере поголема востаничка сила пропаднале, бидејќи тамошната организација била разнебитена, немало оружје, а градското раководство, според Петров, покажало нерешителност и избегнувало да преземе вистински револуционерни акции.
„Раководството во Прилеп беше паднато во рацете на луѓе – егоисти; тоа беа градски млади луѓе. Ги повикав сите. Мојот впечаток беше дека во градот не се работело на вистинска револуционерна основа. Имало елемент во градот што бил запален и подготвен за работа, но водачите, граѓани и некои учители, испаднале едноставно синови на ситната буржоазија, шмекери, кои, штом дошло до востание, почнале да се извлекуваат под разни измислени причини. Немало кој да ги поведе вистинските работници. Неколку попредани раководители, како Тале Христов, со неколку чесни работници, вкупно 20 – 30 души, го напуштиле градот, излегле со чета и ѝ се придружиле на прилепската чета на чело со Петар Ацев. Набргу по нивното излегување, аскерот којшто се наоѓал близу градот, ги нападнал; дошло до борба кај Студенец. Четата броела околу 87 души, а само една аскерска патрола од 35 – 36 души ги нападнала и ги разбила. Четата била на еден врв – Студенец. Наместо да се борат од врвот, Петар Ацев предложил да се повлечат. Војската ја зазела нивната положба, тие останале на пониска позиција, биле разбиени, новите 30 души се распрснале, а мнозина и умреле. Тоа ги исплашило граѓаните и никој повеќе не се осмелил да се крене на востание. Ние со четата останавме бесцелно да скитаме по селата. Истовремено му јавив на Даме дека сум пристигнал и сакав да го чујам неговото мислење за тамошните работи. Одговорот од него го добив доцна. До неговиот одговор, вестите што ги добивав од Битола навестуваа пропаст – крај. И Даме ја опиша состојбата како безнадежна“ – истакна Ѓорче.
Наскоро кон нив се приклучиле остатоците од костурската чета на Лазар Поп Трајков и Иван Попов. Наместо повлекување, Петров предложил нов план – со обединети сили да ја минираат железничката линија меѓу Лерин и Воден и со тоа да нанесат удар врз османлиските власти. Планот бил усогласуван со Даме Груев и други војводи, но во меѓувреме Главниот штаб, поради пропаѓањето на востанието, решил постепено да ги распушти четите и да го зачува оружјето.
На пат кон Мариово, обединетите чети биле предадени кај селото Чаништа и нападнати од бројна османлиска војска. По целодневна жестока борба успеале да ги одбијат нападите и ноќта незабележано да се извлечат, нанесувајќи им значителни загуби на противниците, но и самите претрпувајќи жртви и останувајќи без муниција и храна. Подоцна, при средбата со Борис Сарафов, Ѓорче дознал дека Главниот штаб веќе донел одлука за распуштање на четите.
„Истата вечер се доби вест дека во околните села доаѓа аскер, па ние истата вечер се упативме кон врвот на планината Ниџе за да се прикриеме и да пребегнеме од другата страна. Сосема неочекувано, на наше големо изненадување, истата вечер и на истото место со 14 – 15 души пристигна и Сарафов, кој беше избегал некаде од Костурско. Сарафов ми ја соопшти одлуката на Штабот да се распуштат четите, затоа што востанието пропаѓа, а четите се распаѓаат, па барем да го спасиме оружјето. Исто така, имало надеж и за амнестија“ – пренесува Ѓорче.
Се мисли на помилувањето ветено од Турците-Османлии кон оние востаници кои доброволно ќе се предадат со своето оружје. Ѓорче, како што вели на крајот од ова поглавје, не се согласил со распуштањето на четите, но крајта, тоа едноставно морало да се случи.
