Во понеделник ќе се знае дали ќе има нови мерки за стабилизирање на цените на горивата. Владата размислува за намалување кај ДДВ. Тој претходно до јуни изнесуваше 10 наместо 18%. Премиерот Мицкоски вели дека анализите на состојбата во снабдувањето и цените во последните две седмици од јули треба да покажат дали треба да се интервенира кај ДДВ-то.
„Знаете дека на две недели се анализраат акцизите. Сега завршува втората половина на месецот, така што во понеделник ќе направиме просек за втората половина од месецот и врз основа на тие параметри ќе се делува на ценнте на нафтените деривати“, рече Мицкоски.
Владата претходно ги намали акцизите кај бензините за еден, а кај дизелот за два денари по литар, откако стана јасно дека нема ништо од мировниот договор меѓу САД и Иран. За само неколку недели, цената на дизелот се вивна нагоре за 18, а на бензините за 9 денари по литар. Денеска, по сигналите за повторно стабилизирање на состојбата на Блискиот Исток, нафтата на светските берзи поевтини. Премиерот Мицкоски очекува намалување на горивата и во Македонија следната недела, доколку овој тренд продолжи.

„Денеска се стабилизира некаде 85-86 долари за барел, така што следната недела очекувам поголемо намалување на цената на дизелот и на бензините. Но, она што е важно, е дека ова е берзански производ, сите ние државите купуваме од исто место, а ние како држава имаме убедливо најниска цена на дизел горивото и на безоловниот бензин во регионот, па и во Европа“ – вели Мицкоски.
Владата има широка лепеза на мерки кои може да ги активира за да го задржи животниот стандард на населението. Кризната состојба во снабдувањето со нафтени деривати ќе трае 3 месеци до 20-ти октомври. Претходно воведените мерки за намалување на ДДВ и акцизите, значеа 26 милиони евра помалку приливи во државната каса.
