Со благослов од Бигорскиот манастир, денеска коњаницата „Патот на Црешовото топче“ го продолжи патот кон Крушево. Традиционално, во пресрет на големиот национален и црковен празник Илинден, денеска во Бигорската свештена обител повторно одекна коњскиот топот на родољубивата коњаница „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“.

-Продолжувајќи го повеќегодишното предание на благодарствено сеќавање на илинденските херои, триесетина коњаници пристигнаа во древното светилиште на свети Јован Крстител, од каде што, укрепени со молитва и благослов, го продолжија својот долг пат кон славното Крушево и Мечкин Камен. Оваа традиционална манифестација го чува споменот и на историското предание дека токму во Бигорскиот манастир монасите изработиле црешови топчиња за Илинденското востание, информираше Архимандрит Кирил.

Коњаницата ја пречека и ја благослови архимандрит Доситеј.
-Местата низ кои денес минува коњаницата не се само географски точки на патот, туку живи сведоштва за македонската историја – места на молитва, надеж, страдање и искушенија, натопени со крвта на оние што ги положиле своите животи за слободата на Татковината. Ве повикувам преку вашиот пример, да го пренесете аманетот на Илинденците до младите поколенија – да ја љубат и почитуваат државата, да не ја забораваат жртвата на предците и да се обединуваат околу она што е свето и заедничко за сите, рече во своето пригодно обраќање, отец Доситеј.


По примениот благослов, коњаниците тргнаа на својот повеќедневен пат, долг околу двесте километри, кој ќе ги одведе преку македонските планини и населби до Крушево. Таму, на Мечкин Камен, ќе им оддадат почит на хероите што ги положиле своите животи за слободата и достоинството на својот народ.
Годинава во коњаничкиот марш учествуваат родољуби од Гостивар, Просениково, Ќанаклија, Пиперево, Василево, Радово, Муртино, Сарај, Ново Коњарево и Иловица, обединети од една заедничка мисла – достоинствено да им се поклонат на илинденските јунаци и да го продолжат патот на историското паметење.

Годинашниот коњанички марш учесниците го посветуваат на македонското единство – на повикот македонскиот народ да се обедини околу она што му е најсвето и што им припаѓа на сите поколенија: Татковината.
Водени од идеалот на илинденците и асномците за слободна, достоинствена и самостојна држава, коњаниците го продолжуваат нивниот пат и аманет, со порака дека љубовта кон Македонија не треба да биде предмет на поделби, туку заедничка света должност кон минатите и идните поколенија.
