Градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на Општина Битола Борче Димитровски на редовен месечен брифинг со новинари информираа за актуелните проекти во градот, капитални инвестиции и планови на локалната самоуправа на краток и долг рок.
Според градоначалникот Коњановски, во Битола се случува градежна офанзива како континуитет на петгодишните ангажмани на актуелната локална власт.
-Можам да кажам дека во делот на проектите, можеби како ниту една локална самоуправа претходно, ние сме посветени и работиме на терен реализирајќи многу проекти, а кај дел има и доцнење од објективни причини пред се кај старата градска архитектура. Бројките покажуваат дека се работи за интензивна градежна сезона, се работи и на 24 спортски терени кои наскоро ќе добијат современи тартан подлоги и осветлување како што доликува на град што го помага спортот, посочи Коњановски.

Во изјава за медиумите градоначалникот Коњановски информира како се одвива реализацијата на капиталните проекти во Општина Битола.
-Реализацијата на капиталните проекти е солидна и изнесува над 36 отсто од 50 отсто за два квартали од оваа година. Секој проект целосно се реализира иако објективно се поставува прашањето дали градежната оператива може да ја следи динамиката. Ние инсистираме роковите доследно да се почитуваат и граѓаните да бидат задоволни, нагласи Коњановски.
На денешната средба со новинарите, градоначалникот на Општина Битола информира дека патот кој што води кон националниот парк Пелистер, а е од надлежност на општината, ќе почне да се реализира во месец август кога треба да се објави јавен повик во вкупна вредност од 1,1 милиони евра, во кој се вклучени и други инфраструктурни објекти во градот.
