Со обуки, размена на опрема и искуства, како и заеднички вежби, Македонија и Германија рамо до рамо ја зајакнуваат стабилноста на југоисточна Европа. Началникот на германската армија Карстен Бројер, кој е во посета на генералштабот на армијата на Македонија, ја оцени земјава како „стабилен сојузник“.
„Југоисточна Европа е од стратешко значење за европската безбедност. Стабилноста во овој регион не е споредно регионално прашање. Тоа е дел од стабилноста на Европа и на НАТО во целина. Македонија игра важна улога како стабилизирачки фактор. Делува како стабилен НАТО партнер што го зајакнува регионот, алијансата и европската безбедност и Германија многу ја цени оваа улога. Затоа нашиот дијалог и нашата соработка се важни“, изјави Карстен Бројер, началник на генералштабот на вооружените сили на Германија

На средбата со првиот човек на германската армија, началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Лафчиски, ја нагласи улогата на Германија во развојот на македонската армија.
„Од исклучително значење беше германската поддршка во опремување и модернизација на армијата, особено во периодот кога тоа ни беше најпотребно. Нашето партнерство се потврди и преку заедничкото учество во НАТО водените мисии во Авганистан каде што водечка нација беше Германија. Токму оваа соработка, заедно со поддршката од останатите сојузници придонесе денес македонската армија да биде модерна, професионална и високообучена“, изјави Сашко Лафчиски, началник на Генералштабот на Армијата на Македонија
Ова е вториот ден од посетата на началникот Бројер кој дојде заедно со висока германска воена делегација. Припадници на армиите на Македонија и Германија заедно учествуваа на мировни мисии низ Балканот ,како „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, „КФОР“ во Косово, а беа дел и од мисиите во Авганистан – „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“. Ова е само дел од низа активности поврзани со армијата кои се одржаа периодов. На крајот од минатиот месец во Македонија престојуваше и командантот на НАТО за Европа Алексус Гринкевич.
