Со блокадата на Изборниот законик, СДСМ и Левица и штетат на државата. Според поранешниот градоначалник од редовите на СДСМ и лидер на Српска демократска лига, Саша Богдановиќ, на овој начин тие бараат алиби ако тој закон сепак пројде, да го сметаат за лошо решение и изговор за неуспех на некои следни избори. Времето се тенчи – вели тој и просторот за договор е се помал. Според него, воопшто не е добро тоа што СДСМ и Левица пробуваат да добијат политички поени за нешто што е дел од реформската агенда и клучно за продолжување на евроинтегративниот пат.
„Ваквиот однос, односно ваквото неприфаќање и блокада на целиот пакет од страна на опозицијата, само не води во еден лош правец – прво, да не можеме да ја исполниме Реформската агенда, а второ-да не можеме да им дозволиме на гласачите да имаат подобри права кога сакаат да го дадат своето право да изберат некого. Се прави штета на државата, на целиот изборен процес и на самите граѓани. Ако вие сте сигурни во вашите политки, во понудата што ја имате до граѓаните, тогаш не треба да се плашите било какви измени да се случуваат, туку напротив, треба да имате конкретна понуда до самите граѓани, па да ви дадат доверба. А ако се плашите од волјата на граѓаните, тогаш ќе го правите ова “ – вели Богдановиќ.
СДСМ воопшто нема намера да учествува во креирањето и донесувањето на Изборниот законик. Доказ за тоа е што се уште не излегле со предлог за гласање на дијаспората и покрај тоа што премиерот им даде „одврзани раце“ да состават текст за што побрзо да се изгласа во законодавниот дом.

„Од тоа што го гледам во дискусиите, можам да заклучам дека нема издржани предлози од страна на опозицијата иако од власта беше понуден бел лист да се направат сите амандмани, сите предлози со коишто би се подобрил Изборниот законик и сите би биле на некој начин задоволни. Ова само личи на еден вид на намерна блокада се со цел да не се постигне, односно не се донесе новиот Изборен законик“ – вели Богдановиќ.
Шансите за донесување на Изборниот законик до среда се сведени на минимум. СДСМ се стриктно против да гласа дијаспората и побараа да се формира работна група, што од премиерот беше одбиено со образложение дека СДСМ нема искрени намери да се донесе Изборниот законик, туку само бараат пролонгирање, односно сакаат работна група за да не се дојде до решение. Во моментов Изборниот законик е блокиран со 14 илјади амандмани од опозицијата. Ако тој не се донесе, на Македонија и пропаѓаат условените 4 милиони евра за спроведување на оваа реформа, кои можеше да ги добие преку Планот за раст на ЕУ.
