„Преку езерото“ по петти пат ги спои во едно доживување блескавите ѕвезди на небото и блескавите ѕвезди на платното. Со врачувањето на наградата „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување на лауреатот, актерот Тони Наумовски, беше отворено петтото издание на фестивалот.
Наумовски е единствениот македонски актер, но и еден од малкумината Балканци кои во Њујорк имаат своја кариера во театарот, на филм и на телевизија. Тој е актер кој во уметноста на филмот е почетокот и крајот на патувањето кое сакаме никогаш да не заврши, порача директорот на филмскиот фестивал, Јани Бојаџи.
– Тони Наумовски е актер кој е едноставната потврда на едноставниот актерски и човечки свет во кој соништата се остваруваат. Бескрајно му благодариме за сите овие соништа и за сите патишта на сите актери во светот на уметноста на филмот. Добре дојде дома. Добредојде во светот на вљубениците во сликите што се движат преку океанот, преку морето и, на крајот, и преку езерото, рече Бојаџи.

Многубројната публика во Амфитеатарот во Дојран со силен аплауз го поздрави лауреатот, а Наумовски рече дека се чувствува благословено и среќно што може да ѝ служи на она што го сака, односно на уметноста.
Наградата на Наумовски му ја врачи градоначалникот на Општина Дојран, Илија Тентов, кој го прогласи фестивалот за отворен.
Филмот е универзален јазик кој ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку приказни, емоции и различни перспективи. Токму во тоа е вредноста на фестивалот „Преку езерото“ – да создава средба меѓу различни култури, автори и кинематографии и да потсетува дека уметноста има моќ да нè приближува, порача пред присутните претседателката на Советот на фестивалот, Мими Ѓоргоска Илиевска.
– За мене посебно значење има фактот што годинава „Преку езерото“ за првпат се одржува во три града – Дојран, Струмица и Гевгелија. Со тоа фестивалот ја проширува својата мисија и преку моќта на подвижните слики ја доближува магијата на седмата уметност до пошироката публика, создавајќи нови можности за средби, инспирација и културна размена, истакна Ѓоргоска Илиевска и упати благодарност до целиот организациски тим, институциите, партнерите, поддржувачите и сите кои со својата работа и посветеност придонесуваат фестивалот од година во година да се развива и да ја потврдува својата вредност“, изјави Мими Ѓоргоска Илиевска, претседателка на Советот на фестивалот.
Публиката го погледна краткиот филм „Вошки“, поддржан од работилницата за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм „Нови бранови“, а потоа следуваше проекција на „Држи се за мене“ од официјалната селекција. Гостите на фестивалот ги забавуваше и рок-групата „Пеперминт“.
